На сметка на успешно производство и краткорочни позитивни ефекти при растот и развојот на растенијата, земјоделците секогаш бираат употреба на минерални ѓубрива кои се со точно пресметано количество на азот, фосфор и калиум. Но, од друга страна, употребата на минерални ѓубрива во земјоделското производство значително придонесува кон влошување на состојбата во средината во која се аплицирани. Тие се хемиски материи кои токсично делуваат на водата, почвата и воздухот и исто така можат да бидат носители на материи кои што предизвикуваат тешки болести (канцер). Самата плодност на почвата се намалува и на долг рок всушност, земјоделците ја уништуваат почвата и придонесуваат кон се помало производство како резултат на ограничени достапни хранливи материи и неможност на почвата самата да се ревитализира.
За да се намали овој ефект и тренд кај земјоделското производство, како дел од Европскиот Зелен Договор, се повеќе и повеќе се става фокус на развивање на технологии на производство на био-базирани ѓубрива и намалување на хемиската загаденост во земјоделските полиња ширум Европа.
Био-базираните ѓубрива се ѓубрива кои се добиени од отпадни материи како што се отпадните води од градската канализација, вишокот на органска храна во комбинација со нуспроизводот од шталското производство (изметот и осоката).
Но, самото искористување на горенаведените извори не е доволно за да се каже дека ѓубривото е био-базирано, односно потребно е присуство на одредени микроорганизми кои што овозможуваат контролирано разградување на хранливите материи во мера која што е доволна за правилен раст и развој. Од огромна предност е производството на овој тип на ѓубрива во органското производство, бидејќи играат витална улога во одржувањето на плодноста на почвата на долг рок.
Моментално се развиваат повеќе типови на технологии кои овозможуваат реупотреба на отпадните материи, материи како што е содржината од градската канализација за производство на азот и фосфор, струвит (фосфорен минерал кој што се наслага во бубрезите на човекот, но и во канализационите цевки) за производство на фосфор или пак реупотреба на биолошкиот отпад од интензивното бројлерско производство.
Микроорганизмите што се користат во производството на био-базирани ѓубрива претставуваат жива формулација на одредени видови бактерии, габи или алги. Овозможуваат фиксирање на азотот од атмосферата, придонесуваат кон растворање и мобилизација на фосфорот, зголемување на содржината на органскиот јаглерод во повчата и балансирање на односот на јаглерод/азот.
Го подобруваат растот на растенијата преку зголемување на апсорпција на хранливите материи, негативно делуваат врз патогените микроорганизми (се развиваат голем број на корисни микроорганизми и не дозволуваат развој на микроорганизмите кои што можат да предизвикаат штета во производството) и производство на хормони кои што ја зголемуваат отпорноста на растенијата.
Како дел од иницијативата во создавање на био-базирани ѓубрива е проектот „Биобазирани продукти за ѓубрење како најдобра пракса во управување со земјоделска одржливост’’ (Б-ФЕРСТ). Овој проект со траење од пет години (2019-2024) има за цел да го интегрира био-отпадот како почетна точка во плановите за управување со земјоделството преку создавање на нови кружни и био-базирани синџири.
Во овој поглед, придонесот на проектот Б-ФЕРСТ се состои во развивање на осум иновативни производи преку кои ќе се обезбедат специфични хранливи состојки со дозирање по мерка прилагодена на потребите на земјоделците со цел подобрување на ефикасноста и одржливоста во земјоделското производство.
Со ваквите иновативни производи се очекува да се постигне намалување на јаглеродниот отпечаток при производството на ѓубрива и со тоа нивното влијание врз животната средина за најмалку 10%.
Фото: www.openaccessgovernment.org
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.