Меѓуредова култивација на пченка – сѐ што треба да знаете

Меѓуредова култивација на пченка  – сѐ што треба да знаете

 

Вовед

Пченката како култура има огромно историско, социјално и економско значење. Втора по ред според степенот на употреба кај популацијата и егзистенцијална култура за некои земји. Има разновидна примена во исхраната на човекот и животните, а како суровина може да се најде во над 500 производи од различни индустрии. Се користи за производство на пластика, козметика, етанол, бои и лакови и многу други секојдневни производи.

На глобално ниво пченката  примарно се одгледува поради нејзиниот основен производ – зрното. Надземните вегетативни делови, пак, се приготвуваат во форма на силажа или зелена храна која подоцна се користи за исхрана во сточарството. По жетвата ги остава површините чисти од плевели и со добра структура. Големиот избор на сорти и хибриди овозможува избор за успешност во одгледувањето на секаков вид на почви и услови. Дополнително, за нејзината важност во агротехниката е можноста да се одгледува и како втора култура при што максимално се искористуваат површините.

Според Државниот завод за статистика во периодот од 2007-2017 година просечниот принос на пченка во Република С. Македонија се движи од 3,84 до 4,75 тони/хектар. За споредба просечниот принос на пченка во САД за 2014 година изнесувал 10,73 тони/хектар. Ваквиот просечен принос во Македонија е низок и најчесто се должи на несоодветни агротехнички мерки како што се: неправилно наводнување, неквалитетна обработка на почвата и несоодветен внес на минерални и органски ѓубрива, односно мерки преземени во периодот на растот и развојот на пченката. Во продолжение е објаснета токму една од овие агротехнички мерки каде што постои голем простор за подобрување во поглед на производството на пченка во нашата земја поврзана со обработката на почвата.

Култивирање на почвата при одгледување на пченка

Култивирањето, според македонските земјоделски експерти, претставува површинска обработка на почвата, со која почвата се ситни, делумно се меша, но не се превртува. Со култивирање многу ефикасно се уништуваат плевелите и се ствараат поволни услови за сеидба, никнење и почетен развој на плевелите. Култивирањето може да се направи пред сеидбата или садењето на претходно изорана почва или после никнењето во текот на вегетацијата кај широкоредните посеви. Тоа е т.н. меѓуредово култивирање и се врши со култиватори со цел да се постигне разровкување на почвата, уништување на плевелите и разбивање на покорицата. При извршувањето на ова агротехничка операција во исто време, со помош на депозитори, во редовите се додаваат и минерални ѓубрива за подобар раст и развој. Може да се внесуваат комплексни и поединечни ѓубрива кои служат за прихрана на посевот во критичните моменти, односно при интензивниот развој на стеблото и листовите.

Пред да се започне со оваа операција треба да се направи проверка на приклучната механизација. Клучните работи кои што треба да ги проверите се острината на работниот орган за поголема ефикасност и рамномерност на работните глави со цел постигнување иста длабочина.

Различни услови придонесуваат за преземање на различни мерки. Доколку имаме влажна и студена година на тешките почви ќе се јави потреба за поголема внимателност на посевот, но доколку имаме сушна и топла година на полесните почви може и да не се јави потреба за меѓуредово култивирање.

Првото меѓуредово култивирање се врши кога пченката е во фаза на 3-6 листа и се врши на длабочина од 8-10 цм. При ова операција култиваторите треба да имаат заштитни дискови за да се спречи натрупувањето на почвата врз младите растенија. Исто така, од исклучителна важност е одредување на правилната длабочина за да се избегне повреда на коренот.

Второто меѓуредово култивирање се прави 20-25 дена по првото или според потенцијалниот развој на плевелите поради различни временски услови. При оваa операција треба да се внимава на длабочината на култивирањето со цел да се избегне повреда на коренот. Дополнително, доколку се врши прихрана зоната на аплицирање на минералните ѓубрива треба да е на поголемо растојание од растенијата и на поголема длабочина за да се избегне фитотоксичност во зоната на коренот.

Просечната работна брзина на тракторот при меѓуредовото култивирање е 7 км/ч.

Клучни параметри при култивирањето

За правилно извршување на операцијата култивирање потребно е да се изврши проценка на неколку клучни параметри. Тоа се: рок на извршување, длабочина на работата, израмнетост на дното и површината, степен на потсекување на плевелите, гребенатост, груткавост, број на повредени или паднати култивирани растенија и некултивирани места.

  • Рокот на извршување на операцијата – Меѓуредовото култивирање се врши во точно определен период кој го диктираат временските услови и фазата на раст и развој на пченката.
  • Длабочина на работата – Со помош на летва и лењир се мери длабочината на работниот орган со цел да се избегне било каква повреда на кореновиот систем, а да се изврши поголемо разровкување на почвата.
  • Степен на потсекување на плевели – Се оценува острината на работниот орган, односно на површина од 1 м2 се чисти разровканата почва и се бројат непотсечените плевели (за совршено оперирање не треба да има повеќе од 1 непотсечен плевел).
  • Гребенатост – Со помош на гребеномер се мери на повеќе места и просечната висина на гребените. Не треба да има отстапување поголемо од 3 цм.
  • Груткавост – Се одредува степенот на разровкување на почвата, односно бројот на грутки поголеми од 5 цм (идеално извршување на операцијата не дозволува повеќе од 5 грутки со дијаметар од 5 цм на површина од 1м2.
  • Број на повредени растенија – Во должина од 1 м се бројат повредени растенија од страна на работниот орган (идеално извршување на операцијата не дозволува повреда или паднати растенија).
  • Некултивирани места – Принципот е ист како и кај орањето, доколку има пропусти на обработливата површина целата операција треба да се повтори.

култивација

Оддржување на приклучната механизација

Култиваторот е приклучна механизација која се користи неколку пати во одреден период во годината. Од голема важност претставува нејзиното оддржување со што се зголемува работниот век на опремата и се намалуваат трошоците за поправка. Како најбитни елементи во оддржувањето на механизацијата се редовно чистење, подмачкување на сите подвижни места, притегнување на шрафови и замена на истрошените елементи со нови фабрички делови.

По завршетокот на сите операции каде што е потребен култиваторот потребно е негово правилно складирање. Под правилно складирање се мисли на тоа опремата да се стави на тврда подлога заштитена од елементарните услови со дополнително премачкување на не обоените делови со средства против корозија. Во просек работниот век на ваквите опреми е до 7 години, но со помош на правилното одржување за време на нејзиното активно користење може многукратно да се зголеми.

Искористување на меѓуредовиот простор?

Во последно време се вршат истражувања за искористување на меѓуредовиот простор за да се намали употребата на ѓубрива и искоренување на плевелите. Истражувачите од Универзитетот во Џорџија, САД откриле дека детелината  посеана меѓу редовите во голем дел ги задоволува потребите од азот на пченката и во голем процент го намалува интензитетот на растот и развојот на плевелите во посевот. Овој систем, сличен на нашиот традиционален систем на одгледување во здружени посеви од грав и пченка,  обезбедува поволен почвен развој и намалување на оперативните трошоци.

Живиот мулч од детелина овозможува создавање на азот во форма која пченката може да го усвои. Со растот на пченката настанува засенчување на детелината со што таа изумира и се разложува постепено  допринесувајќи во целокупната количина на хранливи материи потребни за развој на пченката.

Здружен посев со детелина

Здружен посев со детелина

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури