МЗШВ: Продолжен периодот за ловење на дивата свиња до 31.03.2022 година
Периодот за ловење на дивата свиња се продолжува до 31.03.2022 година под посебни услови, и во дозволените региони.
Продолжувањето на перидот на ловење на дивата свиња е согласно заклучокот на Влада и мерките преземени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство за спречување и ширење на болеста африканска чума кај свињите, а врз основа на Законот за ловство.
Отстрелот на примероци на дивата свиња ќе може да се реализира и во периодот до 31ви март но само под посебни услови кои се дадени како услови во Решението, донесено согласно на законот. Според пропишаните посебни услови, забрането е застрелување на спрасни диви свињи и тие во поодминат стадиум на спрасност и на женски грла кои водат мали прасиња. Ловот мора да биде контролиран и да се одвива во големи групи, но никако под 10 учесници. Задолжително присуство на ловочуварот во групата која изведува лов.Уловениот дивеч од сите учесници да се донесува само на едно, однапред определено место и на определеното место каде дивечот ќе се донесува, ветеринарниот инспектор или доктор по ветеринарна медицина да земе примероци за анализа од секоја застрелана единка.
За непочитувањето на наведените услови кои се предвидени во Решението, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ги преземе сите мерки предвидени со Закон.
Состојбата со оваа болест внимателно се следи од страна на МЗШВ и АХВ, и се преземаат сите потребни мерки за навремено спречување и санирање на оваа зараза.