Мултифункционални течни био-ѓубрива како иновативен инпут во земјоделското производство
За да се задоволи зголемената потреба за храна, континуираната и неселективна употреба на синтетички или хемиски ѓубрива несомнено резултира со контаминација и модификација на екосистемот. И покрај тоа, долгорочните влијанија од употребата на синтетички или хемиски ѓубрива ја намалуваат плодноста на почвата и резултираат со производство на култури склони кон болести.
Количината на произведена храна денес во споредба со количината потребна за да се нахранат сите во 2050 година е драстично помала. До 2050 година, светската популација ќе се зголеми на околу 10 милијарди луѓе, со приближно 4,5 милијарди повеќе луѓе за хранење отколку во 2022 година. За да се нахрани растечката популација со дефицитна количина на достапни хранливи материи, светот секако треба да ја поттикне земјоделската продуктивност на одржлив и еколошки начин. Оттука, неопходно е да се преиспитаат многу од постоечките земјоделски пристапи, кои вклучуваат употреба на хемиски ѓубрива, пестициди, хербициди, фунгициди и инсектициди. Кога станува збор за штетните ефекти кои ги предизвикуваат хемиските или синтетичките ѓубрива, биоѓубривата се почесто се алтернатива со која е овозможено да се избегнат такви состојби.
Биоѓубривата се економични и еколошки по природа, а нивната продолжена употреба значително ја подобрува плодноста на почвата. Утврдено е дека употребата на биоѓубрива го зголемува приносот на културите за 10-40% со зголемување на протеините, виталните амино киселини и витамини и фиксацијата на азот. Биоѓубривата обезбедуваат голем број на предности, вклучително и тоа што се ефтин извор на хранливи материи, учествуваат во синтеза на микро-соединенија и микронутриенти, снабдувачи со органска материја, средство за спротивставување на негативните ефекти од хемиските ѓубрива. Различните микроорганизми се важни компоненти на почвата и тие играат клучна улога во различни биотски активности во екосистемот на почвата што ја одржуваат почвата активна за мобилизација на хранливи материи и долгорочен развој на културите.
Биоѓубриво е формулација на живи микроби кои го фиксираат атмосферскиот азот, така што живеат слободно во почвата или во симбиоза со растението. Неговото комерцијално производство е исплатливо, а од друга страна и релативно евтино за купување. Ја збогатува почвата со метаболитички неактивни или живи микроорганизми кои во ниту еден случај немаат негативно влијание, ниту врз квалитетот на почвата, ниту врз растот на растенијата. Биоѓубривата се лесно биоразградливи производи кои не предизвикуваат загадување на почвата. Организмите кои најчесто се користат во подготовка на био-инокулантите се:
- Почвени бактерии кои го фиксираат азот (видови Azotobacter и Rhizobium)
- Цијанобактерии кои фиксираат азот (видови Anabaena)
- Бактерии кои раствораат фосфати (видови Pseudomonas)
- АМ габи (Arbuscular mycorrhiza)
Биоѓубривата значително го подобруваат микробниот процес за да ја зголемат биорасположливоста на хранливите материи во форми што растенијата можат да ги абсорбираат. Биоѓубривата се од фундаментално значење за оджување на виталноста на почвата, како и намалување на загадување на животната средина.
Течното био-ѓубриво е се поприсутно на пазарот како една од позначајни алтернативи за хемиски и органски ѓубрива, како и био-ѓубрива базирани на цврсти супстрати. Една од многуте придобивки од биоѓубриво е неговиот придонес за зголемување на достапната популација од микроорганизми. Микроорганизмите се значајни за одржување на здрава ризосфера, а воедно го стимулираат и растот на растенијата. Предноста на користење на течно ѓубриво е во тоа што не е потребен цврст носач. Течните био ѓубрива се важна алатка за развивање на модерно земјоделство, односно развивање на беспочвени системи на производство како што е хидропоника.
На нашиот пазар моментално се достапни повеќе видови на течни био-ѓубрива, но како најуспешни и мултифукционални се издвојуваат 100% хербалните средства. Овие 100% хербални средства проверено помагаат во намалување на стресовите кај растенијата предизвикани од климатските промени, овозможуваат земјоделските производители да ги подобрат својствата на почвата, да ги намалат штетите од нематодите како сериозен проблем во последните години и да произведат поквалитетни производи со повисоки цени и да постигнат повисоки приноси по единица површини.
Комплементарно на оваа проблематика е и проектот „Б-Ферст“, финансиран од страна на ЕУ, кој што се залага за создавање на биобазирани ѓубрива.
Главната цел на Б-Ферст е да ја интегрира валоризацијата на био-отпадот во плановите за управување со земјоделството преку создавање на нови кружни (циркуларни) и био-базирани синџири кои што започнуваат од биолошкиот отпад. Благодарение на директната интеракција помеѓу фармерите и секторот за ѓубрива, проектот Б-Ферст има за цел да ја промени парадигмата на вештачките ѓубрива преку развивање на 8 иновативни ѓубрива: специјализираните хранливи материи ќе бидат обезбедени со прилагодено дозирање приспособено на потребите на земјоделците за да се подобри ефикасноста и одржливоста.
Приоритетите на проектот Б-Ферст се следни:
- Го валоризира недоволно експлоатираниот био-отпад за одржливо земјоделско управување;
- развива 8 нови производи за широка потрошувачка на зелени ѓубрива кои ќе се продаваат по конкурентни цени;
- ја намалува зависноста на суровините со замена на 15-40% со биолошки отпад;
- ја подобрува одржливоста на вештачките ѓубрива и нивното управување во земјоделството;
- ја намалува потрошувачката на вода и енергија, како и јаглеродот за 10%;
- дефинира упатства за сертификација и стандарди за квалитет на ниво на ЕУ;
- ја подобрува економијата на земјоделците благодарение на развојот на прилагодени хранливи материи.
Автор: Ангела Живачки
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.