Засоленост на почвата – Еден од најголемите предизвици на модерното земјоделство
621 Прегледи
Категории:
Култури
Концентрацијата на соли го зголемува осмотскиот потенцијал на водениот раствор во почвата, што го ограничува капацитетот на растението за апсорпција вода. Може да предизвика нерамнотежа во исхраната или токсичност поради присуството на специфични јони и има директен негативен ефект врз биологијата на почвата. Пример за специфична јонска токсичност е вишокот на јони од натриум, што негативно ја менува клеточната морфологија, фотосинтезата на растенијата и производството на хлорофил. Содификацијата и алкализацијата, како термини кои што заедно се јавуваат со салинизација на почвата, доведуваат до уништување на структурата на почвата преку зголемување на обемот на честичките од глина со што се формираат непропустливи слоеви во профилот на почвата кои го ограничуваат растот на коренот. Дисперзијата на глина исто така ја намалува инфилтрацијата на вода, настанува задржување на водата на површинскиот слој, ги затнува природните дренажни канали, ја намалува носивоста на почвата (ограничување на употребата на тешка механизација), и ја зголемува ерозијата на органската материја.
Солените почви, за подобро разбирање можеме да ги наречеме натриумски почви, бидејќи натриумот е главен елемент кој учествува во генезата на овие почви било во вид на соли било во вид на апсорбирани јони. Солените или засолените почви кај нас се означуваат со повеќе народни имиња како: солена земја, соленица, слатина, белокалица, ќелак, тврдак итн. Површините на солените почви во нашата земја се мали, тие изнесуваат само 0,42% од вкупната површина на нашата земја. Овие почви се образувани главно во нашите рамнински терени кои изнесуваат само 7,9%. Во голем дел од нашата земја климата не е аридна, нема седименти со соли и нема засолени подземни води. Исклучок претставува Пелагонија поради специфичните хидрографски услови.
Најмногу солени почви има во централниот и источниот дел на Македонија, т.е. во континентално-субмедитеранско подрачје кое се одликува со најизразита аридност и силно испарување, со присуство на палеогени седименти, меѓу кои има и засолени и со присуство на плитки минерализирани подземни води. Карактеристично е што 90% од сите површини на солените почви се јавуваат во само 4 котлини (Струмичка, Скопска, Овче Поле и Пелагонија). Во Македонија има околу 11.000 ха под слатини и слатинести почви. Под слатини има 3.200 ха што значи дека доминираат слатинестите почви. Овие почви имаат природно потекло, но во нивното создавање влијае и антропогениот фактор.
Салинизацијата се јавува во определени услови: лоша поставеност на релјефот, под влијание на капиларно качување и испарување на плитките и солени подземни води, во подрачјата со аридна и семиаридна континентално-субмедитеранска клима со силна евапотранспирација. Главни извори на соли се засолените палеогени седименти и хемиското распаѓање на одредени материи.
Влијанието на човекот врз генезата и својствата на овие почви може да биде индиректно и директно. Индиректно влијание се состои во тоа што човекот може да ги менува педогенетските фактори (хидрографски услови, вегетација), а преку нив и почвите. Антропогената салинизација се јавува ако се наводнува со солени води или ако се подига нивото на подземните минерализирани води во почви со слаба дренажа. Дополнително, салинизација на почвите како резултат на влијанието на човекот се случува кога имаме апликација на минерални ѓубрива во почви кои што имаат слаба пропустливост.
1. Подобрување на дренажата на полето
Ова може да се постигне со длабоко орање, односно со орање на длабочина од 60 до 80 центиметри. Длабокото орање помага во кршење на компактниот слој од почвата кој може да биде создаден од тежината на земјоделската механизација или пак од природно формирање на глинен слој кој е опишан погоре во текстот. Со кршење на компактниот слој, водата слободно може да помине во подолните слоеви и со тоа да ги испере солите кои што биле наталожени со текот на времето.
2. Испирање на полето
Оваа операција се врши со помош на големи количини на вода во која има ниски нивоа на соли. Таквата вода овозможува растворање на солите кои што се присутни во почвата и подоцна нивно транспортирање во подолните слоеви.
3. Намалување на евапорација
Евапорацијата единствено се намалува доколку имаме постојан слој од вегетација на самото поле или пак имаме извршено мулчирање (без разлика дали е од органски или вештачки материјал). Намалената евапорација значи солите кои што се присутни сеуште се присутни во водениот раствор и нивното испирање во подолните слоеви е полесно.
4. Апликација на хемиски третмани
Хемиските третмани се вршат пред да се започне со вештачкото испирање опишано погоре. Најчесто се додава гипс за да може јоните на натриум да се врзат со калциумот од гипсот. Оваа реакција помага во елиминирање на штетните јони кои оневозможуваат правилна апсорбција на хранливи вредности од страна на растенијата. Со испирање на почвата, создадената водорастворлива сол може лесно да се отстрани од полето.
5. Сеидба на толерантни видови на растенија
На места каде што имаме висока концентрација за соли и е невозможно одгледување на конвенционални видови на растенија, потребно е да се посадат растенија кои што се толерантни на соли. Едни од најтолерантни растенија се:јачмен, камелина, ‘рж, шафран, сончоглед и шеќерна репка.