Одржливото органско производство – иднина на македонското земјоделство

Одржливото органско производство – иднина на македонското земјоделство

 

Здравата почва е незаменлива и неопходна за одржување на животот и производство на безбедна и квалитетна храна. Таа како ресурс е сериозно погодена и од климатските промени и лесно уништлива, а нејзините природни карактеристики и способноста за обновата на биомасата се ограничени. Но сепак, како главни причини за деградација на почвата потекнуваат од земјоделските активности, тука пред сѐ прекумерената употребата на хемиски препарати, но и несоодветниот начин на нејзината обработка.

Татјана Миткова, професорката на Факултетот за земјоделство и храна, вели дека проблемот со уништувањето и загадувањето на овој природен ресурс е сериозен, а може да биде уште полошо доколку продолжи да не се управува и менаџира на правилен начин. Таа ја посочува и потребата од едукација и менување на навиките за производство.

Во последните години органското производство е тренд особено кај помладите фармери, а се појавуваат и компании кои преработуваат исклучиво органски производи заради тоа што се барани на пазарот.

Според податоците на Министерството за земјоделство во земјава вкупните површини под органско производство од 2016 до 2020 година се зголемиле од 3.240 на 3.957 хектари, а бројот на органски производители пораснал од 533 на 908 производители.

Според Националната програма за земјоделство и рурален развој,  поддршката за органското производство е за 30 отсто повисока од субвенциите за конвенционалното производство за фуражни култури, 50 отсто повисока за полјоделски култури, сточарско и пчеларско производство, 70 отсто за овоштарство и лозарство и 100 отсто за градинарско производство.

Производителите добиваат и покривање на половината од трошоците за сертификација на органското производство и на 70 отсто од трошоците за извршени агрохемиски, педолошки или анализи на остатоци од пестициди, тешки метали и др. материии на почва и во органски производи. Се зголемиле и субвенциите, кои лани биле 60 милиони денари, а годинава се 104 милиони денари.

Министерството за земјоделство изработи Национална стратегија за земјоделство и рурален развој 2021- 2027 година, што претставува стратешки документ за понатамошен развој на органското земјоделско производство. Од таму велат дека во следниот период планирано е да се зголемува информираноста на производителите за достапноста на средствата за заштита со објавување на листите на дозволени препарати, како и да се направат истражувања за потенцијалот на природните ресурси и заштитените области за органско земјоделско производство во државата.

„Преработувачката индустрија ќе биде поддржана за да ја зголеми количината и асортиманот на преработки од органски земјоделски производи што ќе придонесе за раст на органското примарно производство и зголемување на додадената вредност на производите. Со цел развивање на органски земјоделски преработувачки сектор се предвидува зголемување на висината на поддршката за преработка на органски производи и производи во преод и на поддршката за трговијата на свежи и преработени органски производи во преод од домашно потекло“, информираат од Министерството.

 

Извор: meta.mk

Категории: Вести