Оризопроизводителите најавуваат дека протестите ќе ги преселат во Скопје

Оризопроизводителите најавуваат дека протестите ќе ги преселат во Скопје

 

Организациониот одбор на оризопроизводителите, по вчерашниот прекин на блокадата на патот Штип-Кочани кај селото Облешево, незадоволни од владините мерки за аграрот и кажаното од министерот за земјоделство Љупчо Николовски, денеска ја разгледуваат можноста за организирање генерален штрајк на сите земјоделци и сточари во Македонија.

„Вчера го прекинавме протестот за да видиме што ќе каже министерот Николовски, но за нас тој кажа округло па на ќоше. Вели, дека во Кочани имал разговор со оризопроизводителите, но сите знаеме дека тоа бил партиски кружок и разговор со фабрикантите на ориз во Кочанско. Никој од нас правите оризопроизводители не бил поканет и нема да има ништо и од најавената ревизија за злоупотреба на субвенции“, вели претседателот на Организациониот одбор Здравко Арсов.

Арсов апелира оризот да биде стратешка домашна култура и бара ефикасни мерки оти многу лесно може да го снема, а од него живеат над 7.000 семејства.

Одборот на оризопроизводителите заклучил декат треба да се види што ќе им каже министерот и на производителите на јаболко денеска во Ресен, како и тоа какви сеопфатни мерки ќе донесе за сите производители во аграрот. Во меѓувреме, заедно со одборите од останатите гранки ќе ја разгледаат можноста за генерален штрајк.

Независно од овој исход, кочанските оризопроизводители планираат наредниот вторник пак да организираат протест и блокада. Ако тогаш ако нема средба со премиерот Димитар Ковачевски и министерот Николовски, ќе ги блокираат и двете ленти од магистралниот пат Штип-Кочани.

Оризопроизводителите на вчерашниот протест побараа зголемување цената на оризовата арпа најмалку на 40 денари од килограм, затоа што во последните месеци репроматеријалите поскапеле за неколку пати. На пример, ѓубривата од 650 денари за вреќа поскапеа на 1.650 денари. Бараат ковид-мерката од 3 денари од килограм да биде исплатена на сите, а не само на поединци. Исто така, бараат да продолжи откупот до крајот на февруари оти неоткупен останал над 70 проценти од родот.

 

Извор: Канал5

Категории: Вести