По КОВИД-19 пандемијата ЕУ ќе ја регулира трговијата со диви животни
Ковид-19 пандемијата ја потенцираше потребата од регулирање на трговијата со живи диви животни, кои би можеле да пренесуваат вируси. Во Европа, недостатокот на регулатива за оваа тема претставува голем здравствен ризик.
„Три четвртини од болестите кои се појавуваат – се пренесуваат од животни на луѓе“, рече Жан-Ив Ле Дријан на Конгресот за биолошка разновидност во Марсеј за време на конференцијата за тоа како да се спречат идните пандемии.
Регулирањето на легалните и нелегалните пазари каде се продаваат диви животни е од суштинско значење за ограничување на преносот на вирусот од животни на луѓе.
„Треба да се оддалечиме од пазарите на живи животни и да користиме ладилни системи“, вели Вилијам Кареш, извршен потпретседател за здравство и политика во Алијансата ЕкоХилт.
Според Меѓународниот фонд за благосостојба на животните, Европската Унија е третиот најголем светски увозник на илегални диви животни, како што се влекачите и водоземците.
„Регулаторната рамка на ЕУ не ги контролира доволно потенцијалните зоонозни заболувања што произлегуваат од трговијата со диви животни“, изјави Морган Ле Дро, координатор на политиката за диви животни во Four Paws. Легалната трговија со диви животни во ЕУ се проценува на 100 милијарди евра годишно, додаде таа.
Можност за подобра контрола се бара во Стратегијата за биолошка разновидност 2030 година, во која Европската Комисија се обврза да го ревидира својот акциски план за трговија со диви животни, објавен во 2016 година, за борба против нелегалната трговија со живи егзотични видови во рамките на ЕУ. Иако ова останува важен чекор напред, „не се однесува на легалната трговија, која исто така игра голема улога во пренесувањето на болестите“, вели Киран Харкин, експерт за трговија со диви животни во Four Paws.
Иако регулирањето на трговијата со диви животни е суштинско оружје во борбата против пандемијата, според научниците мора да се спроведат и други акциони планови.
Преносот на вируси од животни на луѓе обично се случува преку консумирање на месо од животни. Според тоа, неопходно е да се намали и човечката зависност од производи од животинско потекло.
Домашните животни исто така мора внимателно да се следат. Ветеринарните служби мора да се зајакнат во нивната улога во откривање на заразни болести.
Друга важна точка во борбата против глобалните епидемии е зајакнувањето на соработката меѓу земјите. Масивниот развој на транспортот, особено воздушниот транспорт, во голема мера ја забрзува циркулацијата на вирусите на глобално ниво.
„Мораме да работиме заедно бидејќи вирусите не познаваат граници“, изјави д-р Чадија Ванус, регионален службеник за здравје на животните за Африка при Светската организација за здравје на животните.
Извор: www.euractiv.com