-
Основи на технологиите кои придонесуваат кон одржливост во аквакултурата
Циркуларната економија претставува модел на производство и потрошувачка кој вклучува долгорочна и повеќекратна употреба на веќе постоечки материјали или производи. Примената на овој модел е еден од многуте начини кои овозможуваат надминување на глобалните предизвици како што се климатските промени, загубите во биодиверзитетот, огромните количини на генериран отпад и различните форми на загадување. Транзицијата кон циркуларна економија е базирана на три основни принципи:
- Проектирање на индустриски процеси со кои се минимизираат отпадот и загадувањето;
- Максимално задржување на материјалите и производите во употреба;
- Регенерација на екосистемите;
Моменталните системи на производство и потрошувачка се неодржливи. Природните ресурси се искористуваат побрзо него што истите можат да се регенерираат, додека пак според одредени студии, 80-90% од производите се надвор од употреба после шест месеци.
Според насоките на Стратегијата за поодржлива и компетитивна аквакултура во Европската Унија за периодот од 2021 до 2030 година , аквакултурата, заедно со останатите економски сектори на Европската Унија, треба да учествува во зелената транзиција диктирана од Европскиот Зелен Договор. Овој сектор ја има една од клучните улоги во транзицијата кон одржливите прехранбени системи како и во развојот на биоекономијата и циркуларната економија.
Циркуларноста во аквакултурата се постигнува со повеќестран пристап кој вклучува оптимизирање на процесите на управување со отпадот, во главно тука се мисли на повторна употреба, рециклирање и валоризација на отпадот, одржлив менаџмент на водните ресурси, воведување на системи кои овозможуваат енергетска ефикасност и примена на одржлива прехрана во аквакултурата.
Дел од храната која се внесува во традиционалните рибници е конзумирана од биомасата која се произведува, а остатокот заедно со со продуктите на метаболизмот на произведената риба се испушта во животната средина. Според тоа, ваквите системи немаат никаква бариера за задржување на овие вишоци на храна и потенцијални нутриенти и истите претставуваат своевидна загуба во системот. Примената на затворени рециркулирачки или полуотворени копнени системи во аквакултурата овозможува комплетно искористување на нутриентите и значително ги намалува количините на генериран отпад. Современото третирање на овој отпад овозможува негова примена како енергенс во постројките за производство на биогас или биоенергија. Понатака, производството на храна со примена на обновливи или рециклирани суровини добиена по пат на современи методи на производство, како што на пример е култивирањето на микроалги со цел производство на нутриенти, се методи кои го помагаат процесот на воведување на принципите на циркуларноста во аквакултурата.
Менаџментот со водените ресурси во аквакултурата опфаќа рационално користење на водните ресурси, реупотреба на водата како и соодветен третман на отпадните води од рибниците. Дополнително , тука влегуваат и технологиите на аквапоника кои претставуваат затворени рециркулирачки системи кои овозможуваат одгледување на поголем број на видови со употреба на истата количина на вода и останати ресурси.
Традиционалните фарми за риба претставуваат големи потрошувачи на електрична енергија. Циркуларноста од овој аспект се постигнува преку примена на енергија од обновливи извори , а карактеристични за оваа индустрија се примена на фотоволтаиците и постројките за производство на електрична енергија од биомаса која претставува спореден продукт-отпад од производството.
Еден од проектите кои се занимаваaт со оваа проблематика е проектот БиоРурал кој претставува проект финансиран од Хоризонт програмата за истражување и развој на Европската Унија. Целта на овој проект е забрзување на примената на биобазирани решенија во биоекономијата во руралните области преку формирање на Европска Мрежа на Рурална Биоекономија која ќе ги вклучува сите релевантни чинители вклучени во истата. Целта на мрежата е споделување на знаења, практики, проекти и комерцијализирани биобазирани решенија со цел побрза транзиција кон циркуларната биоекономија.
Автор: Илија Поп Стефанија
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.