Циркуларна економија во поглед на реупотреба на отпадни материи за производство на нови ѓубрива – BFERST

Циркуларна економија во поглед на реупотреба на отпадни материи за производство на нови ѓубрива – BFERST

 

 

Половина од хранливите материи кои моментално се применуваат на европските земјоделски површини веќе се рециклираат од различните извори на отпад, што претставува околу 8 милиони тони азот и 1,8 милиони тони фосфор.

Шталското ѓубриво сочинува повеќе од 90% од вкупните извори на рециклиран отпад. Ова ѓубриво се враќа на земјоделските полиња или преку апликација на собраното ѓубриво или директно со пасење на животните и претставува околу 53% од фосфорот и 33% од азот што се применува годишно на земјоделските почви. Помал процент на рециклирани хранливи материи доаѓа од примена на стабилизирана отпадна тиња од канализација која, исто така, се аплицира на земјоделските површини. Канализационата отпадна тиња е органска материја релативно богата со хранливи материи и неоргански елементи во трагови. Составот на тињата варира регионално и сезонски. Во ЕУ27, се проценува дека на годишно ниво произведената  тиња од отпадна вода содржи 2,3 – 3,1 милиони тони азот и околу 0,23 милиони тони фосфор.

Моменталниот предизвик на Европската Унија е значително да ја зголеми количината на рециклирање со враќање и повторна употреба на многу повеќе хранливи материи од различните извори на отпад од урбани и рурални средини, а во исто време да се зголеми ефикасноста на моментално рециклираниот материјал. Успехот на обновувањето на хранливи материи и повторната употреба од ѓубриво ќе зависи од многу фактори како што се еволуцијата на сточарскиот сектор, достапноста и цената на технологијата за обновување и алтернативните патеки за отстранување.

ЕУ инвестираше во нови технологии финансирајќи истражувачки проекти, како што е Рамковната програма ФП7. Овие проекти се насочени кон претворање на шталското ѓубриво во минерално ѓубриво додека потенцијално се решаваат тековните предизвици во управувањето со ѓубривото.

Но, и покрај залагањата на ЕУ за реупотреба на материи кои што придонесуваат кон подобрување на земјоделското производство, постојат голем број на ограничувања како што се прифаќање на овие ѓубрива од страна на земјоделците, техничка и технолошка спремност на земјоделските стопанства и индустријата.

био-базирани ѓубрива Б-ферст

Како еден од проектите, финансирани од страна на ЕУ, за создавање на биобазирани ѓубрива е и проектот B-FERST.

Главната цел на B-FERST е да ја интегрира валоризацијата на био-отпадот во плановите за управување со земјоделството преку создавање на нови кружни (циркуларни) и био-базирани синџири кои што започнуваат од биолошкиот отпад. Благодарение на директната интеракција помеѓу фармерите и секторот за ѓубрива, проектот B-FERST има за цел да ја промени парадигмата на вештачките ѓубрива преку развивање на 8 иновативни ѓубрива: специјализираните хранливи материи ќе бидат обезбедени со прилагодено дозирање приспособено на потребите на земјоделците за да се подобри ефикасноста и одржливоста.

Приоритетите на проектот B-FERST се следни:

  1. Го валоризира недоволно експлоатираниот био-отпад за одржливо земјоделско управување;
  2. развива 8 нови производи за широка потрошувачка на зелени ѓубрива кои ќе се продаваат по конкурентни цени;
  3. ја намалува зависноста на суровините со замена на 15-40% со биолошки отпад;
  4. ја подобрува одржливоста на вештачките ѓубрива и нивното управување во земјоделството;
  5. ја намалува потрошувачката на вода и енергија, како и јаглеродот за 10%;
  6. дефинира упатства за сертификација и стандарди за квалитет на ниво на ЕУ;
  7. ја подобрува економијата на земјоделците благодарение на развојот на прилагодени хранливи материи.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.