Втор самит на индустриите за органски и органо-минерални ѓубрива во Европа

На почетокот на годинава беше одржан вториот самит на индустриите за органски и органо-минерални ѓубрива во Европа, SOFIE2 ,коорганизиран од ESPP, ECOFI, Eurofema и Fertilizers Europe, со поддршка на International Fertiliser Society.
Целта на овој настан беше вмрежување на компаниите, производителите на ѓубрива, добавувачите на секундарни материјали, истражувачите, ЕУ и националните регулатори.
Во рамките на настанот беа опфатени различни теми кои ги опфаќаат агроекономските придобивки од органските ѓубрива и нивното влијание врз здравјето на почвата, животната средина и продуктивноста на земјоделските култури. Од пазарна страна се дискутираше за преработката и примената на производи за ѓубрење базирани на органски производи. Важни аспекти на овој настан беа и дискусиите за кружна економија и климатските промени, каде органските ѓубрива имаат голем придонес, особено во делот на регенерација на почвата и намалување на јаглеродот.
Со воведување на новата регулатива за ѓубрива на ЕУ се прошири опсегот на ѓубрива произведени од секундарни суровини, односно добиени преку рециклирање, како и од биолошко потекло. Со новата регулатива, органските и органо-минералните ѓубрива сега ќе бидат лесно достапни на единствениот ЕУ пазар.
Органските ѓубрива се дефинираат како ѓубрива чии основни функции се обезбедување на хранливи материи во органски форми од растително и од животинско потекло. Додека органско-минералните ѓубрива се сложени ѓубрива добиени преку индустриско ко-формулирање на едно или повеќе неоргански ѓубрива со едно или повеќе органски ѓубрива или пак органски подобрувачи на почвата во цврста или течна форма.
Настанот SOFIE2 го потврди ентузијазмот и интересот на индустриите за органски и органо-минерални ѓубрива во Европа, кој е растечки сектор за кружната економија на хранливите материи. Третиот самит на SOFIE3 ќе се одржи 17-18 јануари 2024 година.
Комплементарно на овој настан, проектот B-Ferst, финансиран од страна на ЕУ, има за цел создавање нови вредносни синџири преку интегрирање на валоризација на био-отпадот во управување на земјоделството.
Благодарение на директната интеракција помеѓу фармерите и секторот за ѓубрива, проектот B-Ferst има за цел да ја промени парадигмата на вештачките ѓубрива преку развивање на 8 нови подобрени био-базирани ѓубрива од урбани и прехранбени отпадоци. Дополнително, B-Ferst има за цел создавање на нов логистички модел за користење на био-отпадот на локално, национално и ниво на ЕУ, развивање на 5 демо фарми за потврдување на производите и целосна анализа на пазарот.
Во рамка на циркуларна економија и т.н. зелена хемија, B-Ferst ќе воведе иновативен модел на одржливо земјоделско производство преку создавање на нова генерација на био-ѓубрива.
Приоритетите на проектот B-Ferst се следни:
- Го валоризира недоволно експлоатираниот био-отпад за одржливо земјоделско управување;
- Развива 8 нови производи за широка потрошувачка на зелени ѓубрива кои ќе се продаваат по конкурентни цени;
- Ја намалува зависноста на суровините со замена на 15-40% со биолошки отпад;
- Ја подобрува одржливоста на вештачките ѓубрива и нивното управување во земјоделството;
- Ја намалува потрошувачката на вода и енергија, како и јаглеродот за 10%;
- Дефинира упатства за сертификација и стандарди за квалитет на ниво на ЕУ;
- Ја подобрува економијата на земјоделците благодарение на развојот на прилагодени хранливи материи.
Автор: Јована Милосављева
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.
Слични Новости

ЈАВЕН ПОВИК за доделување на техничка поддршка за помош за маркетинг на земјоделски производи и преработени земјоделски производи
