СКЕЕОР: Пронаоѓање на решенија од областа на одржливоста на животната средина и енергетската ефикасност
Одржливоста на животната средина игра голема улога во секојдневната употреба и потрошувачката на енергијата, храната и човечките ресурси. Брзото зголемување на популацијата континуирано го зголемува производството и земјоделството. Сведоци сме на забрзаниот пласман на продукти и трендови на “брза“ потрошувачка. Сето ова доведува до повеќе емисии на штетни гасови, неодржлива употреба на енергија и уништување на шумите.
Според Светската Комисија за животната средина и развој на Обединетите Нации, одржливоста на животната средина подразбира однесување на начин кој ќе им обезбеди на идните генерации достапни природни ресурси, со цел еднаков или подобар начин на живот во споредба со оној кој го имаат сегашните генерации.
Методите за одржливо живеење заземат многу облици, од уредување на условите за живеење со користење на енергетски ефикасни практики (на пример, еко села, еко општини, одржливи градови) до преиспитување на работните практики (на пример, одржлива архитектура, обновливо земјоделство), или развивање и примена на нови технологии кои ќе ја намалат потрошувачката на ресурсите.
Оваа тематика е една од петте сегменти на кои секоја година се фокусира Студентската Конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој –СКЕЕОР. Во рамки на областа на одржливоста на животната средина, СКЕЕСКЕЕОРОР третира теми како: Нови технологии за рециклирање и третирање отпад; Паметни мрежи; Примена на нови методи за искористување на нано-материјали и Глобално затоплување.
Овогодинешното, деветто издание на Студентската Конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој – СКЕЕОР 2021 ќе се одржи во периодот од 13.12. до 16.12.2021.Присутните ќе имаат можност да го слушнат предавањето на проф. д-р Ана Лазаревска кое за цел ќе има надградба на капацитетите кај студентите за истражување и пронаоѓање соодветни решенија во борба против климатските услови, загадувањето и неодржливиот општествен развој, како и дискусии за влијанието на ковид-19 врз одржливоста на животната средина.