Во последната нацрт верзија на предлог законот за пасишта исчезнаа неколку спорни точки. Меѓу нив е и пашарината за пчелните семејства од одредбата за колективно напасување.
Во документот кој последен беше објавен на ЕНЕР тој став од предлог законот е променет и не се споменуваат директно пчелите. Тоа значи дека тие што имаат поставено пчелни семејства на државно земјиште нема да плаќаат пашарина во висина од 0,3% од државниот просек на нето плата по пчелно семејство.
Што вели сега нацрт Законот?
Во најновата верзија членот 26 Колективно напасување гласи:
(1) Сите површини кои се под култура пасишта а кои не се опфатени со договор за закуп по пат на јавен оглас или јавен повик се предмет на колективно напасување.
(2) Колективно напасување може да спроведуваат сите земјоделски стопанства кои се запишани во Единствениот Регистар на Земјоделски Стопанства – во понатамошен текст ЕРЗС, а кои имаат пријавено капацитети за сточарско производство или производство на примарни земјоделски производи од анимално потекло.
(3) Земјоделските стопанства кои спроведуваат колективно напасување од став (2) на овој член плаќаат колективна пашарина во висина од 0,25% од просечна нето плата исплатена за минатат година во Република Северна Македонија по грло ситен добиток, и 1% од просечна нето плата исплатена за минатата година во Република Северна Македонија по грло крупен добиток.
(4) Пашарината од став (3) на овој член се уплатува најдоцна до 15-ти Март во тековната година за предходната година на сметка на ЈП пасишта.
Во принцип со измените треба да бидат смирени пчеларите кои сметаа дека е апсурдно да бидат опфатени со новиот закон. Во дел од измените е предвидено и надзорот врз пчелните семејства да бидат под надлежност на Јавното претпријатие Државни пасишта и да ги дава соодветните дозволи. Сите постапки ќе ги спроведува соодветна Комисија.
Како ќе се доделуваат пасиштата?
Концесиите за закуп на пасиштата во државна сопственост ќе ги доделува Министерот по распишан јавен оглас. За површина од над 10 хектари ќе му биде потребна и претходна согласност од Владата.
За овие големи површини учесниците на јавното наддавање ќе треба да приложат и соодветен бизнис план како и банкарска гаранција во висина од понудена шестмесечна закупнина.
Во зависност од површината ќе варира и почетната цена за јавниот повик за наддавање. За пасишта под 10 хектари почетната цена е 2,5 од просечната нето плата исплатена мината година, но не помалку од 10 евра по хектар. За сите површини над 10 хектари овие износи се двојно повисоки, односно најмалку 5% од просечната плата или најмалку 20 евра по хектар.
Концесии ќе може да добиваат и странци доколу имаат регистрирано правен субјект во државата и како примарна дејност им е наведено земјоделство.