Укината забраната за движење по шуми и планини

Укината забраната за движење по шуми и планини

 

Во соопштението кое го испрати владината прес-служба по завршетокот на седницата, меѓу другото се вели, дека врз основа на препораките на Главниот штаб за управување со кризи, Владата донела одлука за укинување на забраната за движење во шуми и шумски предели. За таа цел ги задолжила Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да спроведуваат засилени контроли за заштита и спречување на пожари на отворено.

Одлуката за забрана за движење низ планините беше донесена на 5 август истовремено со прогласување на кризната состојба во траење од 30 дена,на територија на целата држава. Оваа одлука беше донесена од почетокот на месецот поради катастрофални пожари, кои зафатија големи површини на шума на повеќе различни локации, а најголеми штети претрпе висококвалитетна борова шума во малешевскиот крај.

Минатата недела, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на прес конференција најави ублажување на забраната за движење, за како што рече, одредени категории на лица како планинари и параглајдеристи бидејќи процениле дека планинарите се најголемите пријатели на планините и можат благовремено да ги известат надлежните за појава на шумски пожари уште додека тие не се проширени и да помогнат во гаснење на огнот додека е во почетна фаза, додека пак параглајдеристите исто така имаат можност од воздух да забележат евентуална појава на чад или огин.

Извор: Слободен Печат

 

Категории: Вести