Земјоделците според индексот на цени во август имаат драстично зголемување на трошоците, а тоа најмногу се должи на повисоките цени на горивата и енергенсите. Загрижува и тоа што аутпутот, односно севкупното производство во истиот месец има раст од само 2,7%, додека пак инпутот односно трошоците се зголемени за речиси 10%.
Во август 2021 година, во споредба со август 2020 година, индексот на цените на инпут 1 (тековно потрошени средства во земјоделството) изнесува 110.5, а индексот на цените на инпут 2 (средства наменети за инвестиции во земјоделството) изнесува 102.1.
Вкупниот инпут на енергија, горива, мазива за август 2021 изнесува 153.3, додека во истиот месец лани овој индекс имал вредност од 125.7. Кај останатите трошоци мало покачување има на инпутите минерални ѓубрива, средства за заштита на растенија, и добиточна храна. Вредноста на инпутите ветеринарни услуги, семиња, одржување и останати услуги се речиси идентични како и во август минатата година.
Во делот аутпут, во август 2021 година, во споредба со август 2020 година, индексот на цените на растителното производство изнесува 104.2, а индексот на цените на добиточното производство изнесува 99.2. Најголем раст на аутпутот се бележи во категоријата овошје и грозје со 139.7 индексни поени, или за 17,7 индексни поени повеќе во споредба со август 2020 година. Во останатите категории на земјоделско производство има минимални осцилации во позитива и негатива за период од една година.
Зголемувањето на цените на енергенсите се должи на постојаниот раст на цените на горивата на светските берзи, но и новата државна регулатива со која се воведе „еколошки“ данок со кој поскапеа дизел дериватите. Токму нафтата е еден од основните инпути во земјоделското производство.
Автор: Христијан Станоевиќ
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.