Ќе започне експериментирање со ГМ пченица во Британија

Ќе започне експериментирање со ГМ пченица во Британија

 

Истражувачки институт со седиште во Обединетото Кралство доби зелено светло за да спроведе серија теренски испитувања на пченица со модификации во геномот.

Спроведени во „Ротамстед Рисрч“ во Хертфордшир, овие експерименти ќе бидат први теренски испитувања на CRISPR модифицирана пченица насекаде во Обединетото Кралство и пошироко во Европа (CRISPR е метода која овозможува вметнување на генетски материјал на точно определена локација).

Ротамстед е пионер во испитувањата на ГМ земјоделски култури уште од 1990 -тите, и неодамна доби дозвола од DEFRA (британскиот oддел за животна средина, храна и рурални работи) да продолжи со испитувањата.

  • Изменета пченица за да се намали нивото на аспарагин

Пченицата е изменета со цел да се намали нивото на природната амино киселина аспарагин, која при преработка на пченицата (кога се пече лебот или при тостирање) се претвора во канцероген загадувач акриламид.

Водачот на истражувачкиот проект професор Најџел Халфорд вели дека крајната цел на проектот е да се произведе пченица која не е ГМ со ултра-ниско ниво на аспарагин.

  • Здравствени ризици за луѓето

Тој рече: „Акриламидот е многу сериозен проблем за производителите на храна откако беше откриен во храната во 2002-ра година. Тој предизвикува рак кај глодарите и се смета дека е веројатно канцероген за луѓето.“

Акриламидот се појавува во лебот и значително се зголемува кога лебот се тостира, но исто така е присутен и во други производи од пченица и многу видови храна што се пржени, печени или тостирани, вклучително и слатки и други закуски, чипс, печени компири, кафе и.т.н.

  • Крајна цел е да се намали нивото на аспарагин без да се загрози пченицата

„Веруваме дека нивото на аспарагин може значително да се намали во пченицата без да се загрози квалитетот на житото. Ова ќе биде од корист за потрошувачите со тоа што ќе ја намали нивната изложеност на акриламид во нивната исхрана, а воедно ќе им овозможи на бизнисите со храна да ги запазат прописите за присуство на акриламид во нивните производи.

Меѓутоа, тоа е долгорочна цел. Овој проект има за цел да ги оцени перформансите на пченичните растенија на терен и да ја измери концентрацијата на аспарагин во житото произведено под теренски услови“, рече професорот Халфорд.

  • Отфрлен генот за синтеза на аспарагин

За време на развојот во лабораторијата, истражувачите го „нокаутираа“ генот за синтеза на аспарагин, TaASN2.

Концентрациите на аспарагин во зрната на изменетите растенија беа значително намалени во споредба со неизменетите растенија, при што во една низа беше забележано намалување на повеќе од 90%.

Д-р Сара Рафан, научник од проектот, изјави: „Ова ново испитување сега ќе ја измери количината на аспарагин во зрното од истата пченица кога се одгледува на терен и ќе оцени други аспекти на перформансите на пченицата, како што се приносот и содржината на протеини.“

  • 5 годишен план

Планот е за 5 годишен проект, завршувајќи во 2026 година, при што растенијата се сеат во септември/октомври секоја година и се собираат следниот септември. Финансирањето е воспоставено за првата година, а се бара дополнителна поддршка за секоја следна година.

  • Хемиски предизвикана мутација

Изменетите растенија ќе се одгледуваат паралелно со пченицата врз која е извршен зафат на синтеза на аспарагин користејќи го „старомодниот“ метод на хемиски предизвикана мутација.

Оваа техника е широко користена во одгледувањето растенија уште од средината на 20-тиот век, но невозможно е да се таргетира како што се таргетира CRISPR секвенцата и резултира со случајни мутации во геномот.

  • Одгледување растенија со цел отстранување на ГМ делот

Откако ќе се изврши измената, генетски модифицираниот дел може да се отстрани од растенијата со конвенционални методи за размножување на растенијата во текот на неколку генерации. Доколку поголемиот број растенија можат да се одгледуваат на поле, тоа ќе доведе до забрзување на тој процес.

Професорот Халфорд додаде: „Поголемиот број растенија што можеме да ги имаме на теренско тестирање во споредба со стаклена градина ќе го олесни идентификувањето на растенијата што веќе не се ГМ“.

  • Тековни прописи за уредување на геном

И покрај разликите помеѓу уредувањето на геномот со CRISPR и ГМ, CRISPR модифицираните растенија во моментов се третираат на ист начин како ГМ според регулативите на ЕУ, во суштина блокирајќи ја употребата на технологија која добива официјално одобрување во многу други делови на светот.

Се надеваме дека тековните консултации на Владата на Обединетото Кралство за ова прашање ќе доведат до нова легислатива во Обединетото Кралство, која ќе им овозможи на потрошувачите да им бидат достапни внимателно регулирани прехранбени производи со уредуван геном.

  • Прехранбената индустрија се очекува да го поздрави опитот

Вестите за овој нов опит најверојатно ќе бидат поздравени од прехранбената индустрија, каде што акриламидот е класифициран како загадувач при преработка што бара внимателно следење според правото на ЕУ.

  • Максимално ниво на аспарагин во прехранбените производи

Професорот Халфорд додаде: „Сегашните регулативи за акриламид вклучуваат репер нивоа за неговата концентрација во различни видови храна и се бара од бизнисите со храна внимателно да ги следат нивните производи за неговото присуство“.

„Изгледа дека овие регулативи ќе бидат зајакнати, со тоа што ЕУ ќе се движи кон воведување максимални нивоа над кои би било нелегално да се продава прехранбениот производ. Други регулаторни тела најверојатно ќе го следат примерот “.

 

Извор: AllAboutFeed

 

Категории: Вести