Јајцата се богат извор на протеини кои обезбедуваат раст и развој на сите телесни ткива, лесно достапни и не се скапи. Може да се подготват на различни начини: варени, пржени, во комбинација со разни зеленчуци, млечни и месни производи, а често се и додаток на разни колачи, палачинки, тестенини, кремови за торти и торти. Во продолжение ќе одговориме на неколку прашања во врска со овие протеински бомби.
Зошто е важно да јадете јајца?
Едни од најхранливите намирници, белката и жолчката од јајцето, се богати со хранливи состојки. Едно јајце со средна големина од 50 g содржи:
- Калории – 72
- Вкупно масти – 4,8 g (6% ДВ)
- Сатурирани масти – 1,6 g (8 % ДВ)
- Протеини – 6,3 g (13 % ДВ)
- Витамин Д – 1,00 mcg (5 % ДВ)
- Калциум – 28,00 mg (2 % ДВ)
- Железо – 0.88 mg (5 % ДВ)
- Калиум – 69 mg (1 % ДВ)
* % дневна вредност (ДВ) покажува колку нутриентот присутен во одредена количина на храна придонесува во дневната исхрана. Притоа, 2000 калории на ден се користи како генерална препорака во исхраната.
Жолчката содржи холестерол, витамини растопливи во маст и есенцијална масна киселина. Повеќе од половината од белковините во јајцето се наоѓаат во белката, како и витаминот Б2, а во белката има помали колични маст споредено со жолчката. Јајцата се богат извор на селен, витамин Д, Б6, Б12 и минерали како што се цинк, железо и бакар. Жолчките содржат повеќе калории и масти од белките. Тие се извор на витамини кои се топат во мастите, како што се: А, Д, Е и К. Некои јајца содржат и омега-3 масни киселини, зависно од тоа со што биле хранети кокошките. Јајцата се сметаат за „целосен“ извор на белковини бидејќи ги содржат сите девет есенцијални аминокиселини (оние кои не можеме да ги синтетизираме во нашите тела и мораме да ги добиеме од храната).
Оваа храна е одлична доколку сакате да ја зголемите мускулната маса, да ги стопите маснотиите или да ја намалите тежината.
Кога е најдобро време да конзумирате јајца?
Поради големата количина протеини, консумирањето јајца за појадок е одличен начин да се заситите. Без разлика дали јадете омлет или варени јајца како прв оброк, оваа храна може добро да ве засити до следниот оброк. Ова е особено важно за оние кои сакаат да ја намалат телесната тежина, затоа што нема да посегнуваат по нездрави закуски.
Ако пак јадете јајца навечер, или пред спиење, може да ви помогне побрзо да заспиете. Белката го стимулира вашето тело да се подготви за спиење, бидејќи стимулира производството на мелатонин – хормон кој го регулира спиењето. Исто така и триптофанот, аминокиселина во јајцето, може да го подобри Вашето расположение и да Ви помогне полесно да заспиете.
Што ако тренирате?
Ако тренирате, јајцата можат да ви помогнат да ги обновите и зајакнете вашите мускули доколку ги консумирате после тренинг. Покрај протеините, јајцата содржат супстанции како што се витамин Б-12, витамин Б-6 и витамин А, како и многу минерали како магнезиум, железо, калциум, цинк и бакар. Овие хранливи материи помагаат при физиолошки процеси важни за обновување на мускулното ткиво.
Зошто јајцата со години беа „лоша“ намирница?
Иако многумина мислат дека јајцата го зголемуваат нивото на холестерол во крвта, потврдено е дека холестеролот кој се наоѓа во храната има многу помало влијание врз холестеролот во крвта, за разлика од количините на заситени масти кои ги јадеме. Холестеролот во јајцата, нема да го зголеми ризикот од срцеви заболувања или дијабетес ако се консумираат умерено. Покрај тоа, јајцата се одлична храна за здравјето на мозокот и подобрување на меморијата благодарение на холинот, а поради антиоксиданси како леуцин и зеаксантин, јајцата можат да помогнат во зачувување на видот и заштита од УВ зраци.
Колку јајца може да јадете на ден?
Максимум 2 јајца на ден би биле доволни за просечен возрасен човек. Сепак, оптималната количина на јајца за секого зависи од возраста, дијабетичната состојба и степенот на ризик од срцеви заболувања. Ако ризикот од овие болести е зголемен, треба да се консултирате со вашиот лекар дали и колку јајца може да конзумирате.
Конзумирањето јајца го зголемува имунитетот
Едно до две јајца дневно може да помогне во борбата против инфекции. Јајцата се добар извор на селен, минерал кој е неопоходен за правилно функционирање на имунолошкиот систем и регулирање на нивото на хормонот на штитната жлезда.
Фото : Pixabay