АХВ: Глобалната кампања за одбележување на Светската недела за свеста за антибиотиците и Европскиот ден за свеста за антибиотиците
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и оваа година, од 18 до 24 ноември се приклучува кон глобалната кампања за одбележување на Светската недела за свеста за антибиотиците (World Antibiotic Awareness Week) и Европскиот ден за свеста за антибиотиците (European Antibiotic Awareness Day).
Целта на кампањите е да се подигне свеста за ризиците по здравјето на луѓето и на животни, но и на животната средина, предизвикани од отпорноста кон антимикробните средства, како и да се промовираат добри практики, со цел, ограничување на појавата и ширењето на отпорни микроорганизми низ целиот свет.
Темата за оваа година е „Ширење на свеста, Стоп за отпорност“ (Spread Awareness, Stop Resistance), која ги повикува засегнатите страни на концептот „Едно здравје“, креаторите на политики, давателите на здравствени услуги и општата јавност да бидат лидери за подигање на свеста за антимикробна отпорност (АМР).
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) активно работи на справување со овој глобален проблем следејќи ги упатствата на светските и европските надлежни институции. Согласно член 73 од Законот за безбедност на храната, донесени се Програма за антимикробна отпорност за периодот 2017 – 2021 година и Годишен план за мониторинг на антимикробна отпорност, кој се спроведува од 2018 година, а во тек е донесување на новата Програма за антимикробна отпорност за периодот 2022 – 2026 година, која е усогласена со последната легислатива усвоена од страна на Европската Унија во ноември 2020 година – Имплементирачка Одлука на Комисијата (ЕУ) бр. 1729/2020 за следење и известување на антимикробна отпорност кај зоонотски и коменсални бактерии. Оваа Одлука се заснова на најновите научни мислења и се однесува на познатите прашања за имплементација и научно одговара и обезбедува континуитет во проценката на идните трендови во антимикробната отпорност. Агенцијата е активен учесник во креирање на Стратегијата за антимикробна резистенција и Акцискиот план за 2017 – 2020 година, како заеднички проект на повеќе надлежни институции во државава. Преку мултисекторската комисија при Министерството за здравство и учество на вработени од Агенцијата во телата на Codex Alimentarius, Светска здравствена организација (WHO) и Европската Агенција за храна (EFSA) активно ги пренесува своите достигнувања на полето на антимикробната отпорност во ветеринарната медицина.
Резултатите од спроведување на Годишниот план за антимикробна отпорност во согласност со Програмата за антимикробна отпорност, како и тековното движење на антимикробната отпорност во изолатите добиени во ветеринарната медицина се објавуваат на веб страната на Агенцијата за храна и ветеринарство (http://fva.gov.mk/mk/antimikrobna-otpornost). Дополнително, податоците се доставуваат и до Европската Агенција за безбедност на храна, која истите ги објавува во Националните извештаи за движењето на зоонозите и антимикробна отпорност, за секоја година поединечно. Истите се достапни на веб страната на EFSA (https://www.efsa.europa.eu/en/data-report/biological-hazards-reports).
АХВ е вклучена во глобалната кампања за борба против антимикробната отпорност и кампањата за подигнување на свеста за можните ризици од прекумерна и несоодветна употреба на антимикробните средства. За таа цел, креиран е водич за „Одговорна употреба на антимикробни средства во ветеринарната медицина“, наменет за информирање на јавноста, но, пред се на вклучените страни во прометот и употребата на овие средства. Водичот е објавен на интернет страната на АХВ (http://fva.gov.mk/mk/publikacii-odgovorna-upotreba-antimikrobni-sredstva)
Повеќе информации за активностите во однос на антимикробната отпорност и одговорната употреба на антимикробни средства може да се најдат на следниве линкови:
http://fva.gov.mk/mk/antimikrobna-otpornost
https://www.paho.org/en/topics/antimicrobial-resistance
https://www.fao.org/antimicrobial-resistance/en/
https://www.fao.org/antimicrobial-resistance/world-antimicrobial-awareness-week/en/
https://antibiotic.ecdc.europa.eu/en
https://ec.europa.eu/health/antimicrobial-resistance/eu-action-on-antimicrobial-resistance_en