Квалитетна европска храна и пијалаци: Пиранска сол

Квалитетна европска храна и пијалаци: Пиранска сол

 

 

Во најсеверните солани на Медитеранот, веќе 700 години се произведува „Пиранската сол“ (заштитена ознака на потекло). Производството е рудиментарно и непроменето, користејќи ги истите методи кои се користат повеќе од 7 векови. На широко е позната по својата чистота, белина и отсуство на остатоци од глина. Оваа сол е полесна и поделикатна од другите видови сол. Нејзиниот континуитет на производство игра важна историска и економска улога за населените места од овој дел на Словенечкото крајбрежје.

Првите пишани извори каде се спомнуваат пиранските солари датираат од 804 година, кога неколку помали солари од оваа област биле во сопственост на монашки редови од овој крај. Тие се спомнуваат и во Градската повелба на Пиран од 1274 година, која содржи голем број прописи кои се однесуваат на соланите, нагласувајќи го правото на градот да произведува и тргува со сол.

Употребата на „петола“ (природна основа од алги и минерали што ѝ ја дава бојата и квалитетот на Пиранската сол) започнало во 1358 година, кога во Пиранскиот Статут било наведено дека е потребна реконструкција на соланите бидејќи присуството на глина предизвикува појава на непривлечна кафеава боја на солта.

Пиранска сол

Солта се собира во конусни купови секој ден                                                                                       Фото: © pepe_nero

Со помош на искуството кое го имале работниците од соланите од островот Паг, во процесот на производство на Пиранската сол почнала редовно да се користи петолата. Ова резултирало со многу почиста, побела сол и оваа практика продолжила до ден-денес.

По 300 години просперитет, регионалната нестабилност на почетокот на 18 век беше катализатор за периодот на пад во производството и трговијата на пиранските солани. Но, со доаѓање на австроунгарската администрација се прекинати производствените ограничувања, зголемена е продажната цена на солта и  загарантиран бил откупот на сета количина на произведена сол, со што соланите го вратиле стариот сјај.

По падот на австроунгарската монархија, соланите биле под италијанска и југословенска управа, сѐ до 1991 година кога  Словенија станува независна држава.

Пиранска сол

Пиранска сол се произведува речиси целосно рачно, користејќи методи кои се користат веќе 700 години.        Фото: © Soline d.o.o

Специфичните карактеристики и старите методи на производство на Пиранска сол беа препознаени и признаени со заштитена ознака на потекло (ЗОП) во 2014 година.

Производство

Целиот процес на производството на Пиранска сол се одвива во природниот парк Сечовље Салина и природниот резерват Струњан, кои се наоѓаат во општините Пиран и Изола на словенечкото крајбрежје.

Клучната карактеристика на Пиранска сол е тоа што се произведува речиси целосно рачно, користејќи ги истите методи кои се користат 700 години. Како база на овој процес е гореспоменатата „петола“. Тоа е кора со дебелина од 1 сантиметар, култивирана и одржувана со традиционални дрвени алатки и се состои од цијанобактерии, гипс, карбонати и малку глина.

Употребата на петолата има две функции:

  • прво, го спречува мешањето на солта со морската кал одоздола, овозможувајќи ѝ да ја задржи својата чиста бела боја;
  • второ, делува како биолошки филтер кој спречува траги од тешки метали да се таложат во кристалите на солта.

Кристалите рачно се собираат секој ден во конусни купови со помош на традиционално дрвено гребло наречено граверо. Ова секојдневното гребење на кристалите спречува да се формира дебел, тврд слој кој најчесто се создава кај механички собраната морска сол.

Како резултат на ова, во формирањето на кристалите се задржува дел од морска вода, правејќи ги полесни и понежни и овозможувајќи им да се растворат побрзо. Имено, пиранската сол не се рафинира или исплакнува за време на производниот процес, што и дава природно избалансиран минерален состав, без адитиви.

Основната технологија за производство на солта е користење на базени за постепено испарување, технологија која се користи и денес. Главните разлики помеѓу поединечните солани во Медитеранот се во методот кој се користи за собирање на солта во овие басени, каде што процесот е диктиран од микроклимата на регионот.

Онаму каде што има поволна клима, може да се користи континуиран процес на кристализација. Онаму каде што условите се нестабилни – како што се во Пиран – ризикот од летни грмотевици и обилни врнежи значи дека солта мора да се собира секој ден. Практиката на собирање на солта секој ден, заедно со употребата на петола, се она што ја прави Пиранската сол различна од другите видови сол во Европа и пошироко.

Производството на Пиранска сол низ вековите, секогаш било во хармонија со околината. Производството на солта додаде природна и културна вредност на животната средина во регионот.

 

Фото: Slovenia holiday