Пример за создавање на успешна стратегија за производство на здрава и безбедна храна во урбани услови – Урбано земјоделство во Брајтон

Пример за создавање на успешна стратегија за производство на здрава и безбедна храна во урбани услови – Урбано земјоделство во Брајтон

 

 

Урбаното земјоделство придонесува за развој на локалната економија, придонесува кон намалување на степенот на сиромаштија, овозможува социјално вклучување на сиромашни и жени, придонесува за зазеленување на градот и искористување на урбаниот отпад.

Иако постои зголемена свест за улогата на урбаното земјоделство во контекст на безбедноста на храната и намалувањето на сиромаштијата во урбаните средини, урбаното земјоделство во голема мера останува неформален сектор кој не е добро интегриран во земјоделските политики или урбаното планирање. Овие системи вклучуваат производство на земјоделски култури, месо, како и  производство на билки, лековити и украсни растенија.

Урбаните и пери-урбаните фарми најчесто се со мали површини каде што земјоделците може да страдаат од намалена економија на обем во споредба со конвенционалното земјоделство. Но од друга страна, тие можат да имаат поголема корист при продажба на продукти со повисоки цени како резултат на подобрениот пристап до локалните пазари и намалување на синџирите на снабдување. Во развиените земји, забележано е дека потрошувачите се повеќе претпочитаат локално произведена храна, особено висококвалитетни и органски овошни и зеленчукови култури.

 

 

Случајот со градот Брајтон и успешната стратегија за поттикнување на производство на храна на ниво на општина

Брајтон и Хов е крајбрежен град во Југоисточна Англија, со население од 273.369 жители. На градско ниво, во 2003 година, била создадена платформата Партнерство за храна во која биле вклучени голем број на засегнати страни, со чија што помош подоцна била развиена и првата градска стратегија за храна во 2006 година. Стратегијата предвидува „здрав, одржлив и праведен“ систем на храна кој е придружен со план за мониторинг и евалуација. Исто така, стратегијата предвидува и достигнување на целите за одржлив развој (Sustainable Development Goals).

Според истражувањето, во Брајтон околу 8% од луѓето не можат да заработат за основните трошоци за живот и да си обезбедат здрава храна. Од друга страна, 30% од децата во Брајтон се со прекумерна телесна тежина. Дополнително, Националната Здравствена Служба во Велика Британија на годишно ниво троши повеќе од 80 милиони фунти за справување со болести кои се последица на нездрава и неправилна исхрана.

Како едно од решенијата за справување со горенаведените проблеми е урбаното производство на храна, кое што било предвидено во стратегијата. Моментално, постојат 75 активни проекти на ниво на заедници во градот кои што се фокусирани на производство на храна. Една таква шема на ниво на заедница за производство на градинарски производи е “Сподели ја жетвата” која трае веќе 3 години. Преку овој проект биле вклучени над 2000 граѓани кои што преку анкета се изјасниле дека кај 97% од нив била подобрена менталната состојба и 89% со подобрена физичка состојба само од активностите вклучени во специфичното производство на храна.

Исто така, со помош на стратегијата, денес постојат 3100 парцели кои зафаќаат површина од над 50 хектари и се занимаваат со производство на храна на ниво на заедница.

Ова претставува успешен пример за тоа како залагањето на општината може да поттикне производство на здрава храна во урбани и периурбани средини.

 

 

Како се справуваат со истите предизвици другите европски земји?

CITIES2030

Главната цел на проектот CITIES2030 е да создаде урбани системи за храна и екосистеми адаптирани на претстојните предизвици каде централно место ќе има човекот. Проектот CIITES2030 ќе ги обедини истражувачите, претприемачите, лидерите на граѓанското општество и сите чинители на урбаните системи за храна и екосистемите, кои заедно ќе работат во насока на трансформација и преструктуирање на начинот на производство, транспорт, снабдување, рециклирање и повторна употреба на храната во 21 век.

Како очекувани придобивки за градовите од активностите во рамки на проектот се намалување на отпадот од храна, обезбедување пристојни можности за егзистенција и безбедна храна за сите и промовирање одржливи начини на производство на храна. Визијата на CITIES2030 е да ги поврзе кратките синџири за снабдување со храна, градовите и регионите, потрошувачите, како и  стратешките партнери во индустријата, граѓанското општество, стартап компаниите, малите и средните претпријатија, иноваторите, водечките универзитети и истражувачките центри преку создавање и користење на една дигиталната платформа за управување со урбани системи за храна и екосистеми базирана на блокчеин технологија.

Проектот „Ко-креирање на стабилни и одржливи системи на храна во согласност со FOOD2030“ (CITIES2030) со траење од четири години (2020-2024) e финансиран од Европската Унија преку програмата за истражување и иновации Хoризонт 2020. Конзорциумот на проектот CITIES2030 е составен од 41 партнер од 19 европски земји, а дел од партнерите се и македонската компанија АгФутура Технологии, како и македонското здружение Платформа за зелен развој.

За повеќе информации за проектот посетете ја официјалната страна: www.cities2030.eu

 

 

Категории: Зелен развој