(Интервју) Струшката околија, рај за успешни агробизниси – Биомелан, вкусот и здравјето на органската аронија преточени во стаклена амбалажа

(Интервју) Струшката околија, рај за успешни агробизниси – Биомелан, вкусот и здравјето на органската аронија преточени во стаклена амбалажа

 

 

Југозападниот дел на Македонија изобилува со природни убавини, пријатна клима и вреден народ. Доказ за тоа е и денешниот агробизнис кој потекнува токму од овој крај. За да биде поинтересно – и во нашето претходно интервју имавме соговорници токму од истото село. По сѐ изгледа дека с. Драслајца (струшко) има идеална микроклима и доволно способно и трудољубиво население, кое сѐ што ќе допре успева да го претвори во успешен агробизнис.

МФ: Во наше неодамнешно интервју, разговаравме со локален агробизнис токму од вашиот крај. Во денешното интервју – ќе откриеме кои сте Вие како компанија, што произведува Вашиот агробизнис и ќе споделиме збор-два за понатамошните планови за развој на бизнисот.

– Пред сѐ, Ви благодарам за поддршката што ја пружате на македонските компании. Јас сум Маја Милошевска, од с. Драслајца блиску до преубавата Струга. Сопственик сум на компанијата „Биомелан продукт“ којашто е основана во мај 2015 година. Лоцирана токму во местото каде што живеам. Биомелан е компанија која што произведува органски  ладно цедени сокови од аронија и комбинации со аронија. Соковите се без додаден шеќер , без адитиви, без конзерванси и без додадена вода.

МФ: Дали вашите продукти се единствени од ваков тип во Македонија и од каде идејата за овошни сокови токму на база на аронија? Би сакале да ја чуеме накратко вашата инспиративна приказна, како би поттикнале многу млади луѓе да отпочнат со свој агробизнис.

– На пазарот постојат и други произведители на сокови од аронија, но, се разликуваме во тоа што ние сме дел од целиот процес, односно имаме контрола врз квалитетот на одгледување на аронијата која ја имаме во наша сопственост на плантажа од 7,5 хектари. Струшкиот регион се покажа како одлично подневје за одгледување на аронија, сонцето е главниот фактор, затоа имаме исклучително блага аронија, а воедно и благ сок. Многу често купувачите знаат да ме прашаат дали има додаден шеќер во сокот, на што им гарантираме дека нема апсолутно никакви додатоци, нема дури ни една капка додадена вода. Идејата за производство произлезе од предизвикот со кој што се соочивме пред неколку години. Нашите насади за прв пат се засадени во 2011 година, година во која побарувачка на Европскиот пазар беше многу голема. Со тек на годините, како што се чека полн род на насадите, таа побарувачка почна да се намалува, а се појави и голема конкуренција од Полска. Не постоеше опција да се откажеме, насадите веќе станаа дел од нас, буквално грижа како за уште еден член од семејството, од кое што имаш милион придобивки како за физичкото така и за психичкото здравје на нашето тело. Во тој момент решениото беше да се инвестира во производство каде што ќе имаме готов производ, притоа почитувајќи го првичниот план дека се фокусираме на органско и здраво. Така се формира Биомелан, брендот кој што и после неколку години успешно постои и се пласира на Македонскиот и Европските пазари.

 

Пандемијата колку што е лоша сепак имаше и поучни работи. Не натера да сфатиме колку е битно да си ја цениме и одржуваме природата. Јас многу често знам да напоменам дека ние во Македонија располагаме со плодна почва, многу сончеви денови и чиста вода така што само со малку труд може да се добијат квалитетни производи кои ќе бидат конкурентни на нашите и европските пазари. Зошто на нашите трпези да нема производи на коишто комплетно би им го знаеле потеклото и знаеме дека само неколку дена поминале од нивната берба!? Напредната технологија го има многу олеснето и напреднато земјоделството, единствено упорноста според мене е единствен пат до успехот.

МФ: Соковите кои ги произведувате ги има во неколку комбинации на вкусови и во неколку различни амбалажи. Побарувачката сигурно е голема. Можете ли да ни кажете – освен вашето сопствено производство на аронија, дали соработувате и со други кооперанти од кои откупувате аронија и од каде ги набавувате јаболките и грозјето?

– Нашиот асортиман моментално се состои од:

Органски сок од аронија во амбалажи од 1L и 200 ml

Органски сок од аронија и јаболко во амбалажи од 1L и 200 ml

Органски сок од аронија и грозје во амбалажи од 1L и 200 ml

Во моментот се спрема уште еден член да им се придружи, кој исто така ќе биде овошен сок во комбинација со аронија.

Очигледно нѐ влечат повеќе бобичестите плодови. На нашите насади покрај аронија одгледуваме и боровинка која што е во специјални вреќи и супстрат, исклучително вкусни и полни со витамини.

Јаболките се Преспански, а грозјето од Неготино. Тие сепак се експерти во одгледување на овие типови на овошје.

 

МФ: Аронијата од која се произведуваат превкусните сокчиња е 100% органска. Која е процедурата да се стигне до сертификат за органски произведена аронија?

– Најпрво, суровината од која што се поризведува сокот треба да се сертифицира па потоа и самиот процес на производство. Суровината за да биде органски сертифицирана треба да биде лоцирана на место кое ги исполнува стандардите за одгледување, потоа потребно е да се третира со специјални сертифицирани препарати за одгледување на растението. Сите услови и стандарди се пропишани, ги одредува и ги одобрува сертификациско тело кое работи по насоките и стандардите на Европската унија. Во следната фаза, сертификациското тело одлучува дали се исполнуваат стандардите за органски процес на производство.

МФ: Можете ли да ни наброите некои од нутриентите кои ги содржи аронијата, и за што сè е добар овој плод?

– Аронијата е плод кој што изобилува со многу витамини и минерали, еден редок витамин П, кој што ги штити срцето и крвните садови.

Делува за зголемување на железото во крвта и тоа за краток период покажува резултат.

Содржи јод, калиум, калциум, фосфор и манган.

Потоа, голем број на антоцијани кој што се особено важни во борбата против вирусите и бактериите.

Антоцијаните се користат за лекување на висок крвен притисок, инфекции на уринарниот трак, а во поново време испитувањата докажуваат дека помагаат во срцевите заболувања и ги уништува клетките од ракот.

Исто така аронијата содржи витамини од групата Б, А, Ц исто така витамин Е кои што го подигнуваат имунулошкиот систем и го забавува процесот на стареење на кожата.

МФ: Што би ги советувале земјоделците,  на што да обрнат внимание? Освен производство на соковите – потребно е да се обезбеди и пласман за истите. Која е вашата стратегија и визија? Како почнавте да се пробивате на пазарот?

– Ако квалитетот на добиениот производ е добар – успехот е загарантиран. Постојат моменти кога не оди се според планот. Влијаат многу фактори, но, со едукација и трпение сѐ може да се надмине.

Во денешно време интернетот ни овозможува многу лесен пристап до информации. Првично, пред пандемијата, многу често посетувавме саеми за органска храна. На некои од нив се претставивме како изложувачи, имаше можност секој посетител да  го проба сокот и да се разговара за опциите за соработка – оттаму произлезе и првиот извоз.

МФ: Последниве две години полека сфаќаме колку е важна храната и нејзината достапност, посебно потребата од здрави и свежи продукти. Дали Ковид-19 кризата се одрази негативно или позитивно врз вашиот бизнис и кои се предизвиците со кои се соочивте изминатиов период?

– Храната нѐ одржува, многу е битно каква храна консумираме. Со самиот почеток на пандемијата осетивме негативни трендови во продажбата, тогаш сѐ уште очекувавме дека за неколку месеци сѐ ќе се врати во нормала, но за жал пандемијата сѐ уште трае. Во овој тежок период сите сфативме дека единствен излез ни е да се храниме здраво и да си го одржуваме имунолошкиот систем. Сега, слободно можам да кажам дека побарувачката за здрави органски производи е зголемена, а со тоа многу е подобрена и потрошувачката, а тоа ни е и мотив да продолжиме и понатака со засилено темпо.

 

МФ: Дали планирате понатаму да го проширувате вашиот асортиман, или останувате посветени на производите базирани на аронија?

– Во моментот, како што напоменав и погоре во текстот, работиме на воведување на нов производ, секако во комбинација со аронија. Производот е во фаза на дегустација и моментално ги обработуваме повратните информации од страна на луѓето кои прифатија да бидат дел од тимот кој го дегустираше новиот продукт. Засега, сите коментари кои ги добивме се позитивни. Во скоро време ќе го има и во продажба. Нашиот фокус е аронијата, така што секој новитет што ќе се воведува ќе биде во комбинација со аронија.