Најголемиот производител на брашно во БиХ го намали извозот, а трговците го ограничија купувањето на зејтинот

Најголемиот производител на брашно во БиХ го намали извозот, а трговците го ограничија купувањето на зејтинот

 

 

Компанијата „Клас“, најголем производител на брашно и на млинарско – пекарски производи во БиХ, одлучи да го намали, а за одредени држави и да го сопре извозот на брашно, за да се осигураат доволно количини за домашниот пазар поради војната во Украина и зголемената побарувачка од граѓаните.

Според соопштението на компанијата, одлуката за намалување на извозот е донесена по зголемените барања за брашно од земјите од регионот и потребата да се обезбеди стабилност и безбедност на домашните потрошувачи.

Според „Клас“, побарувачката на брашно е и до трипати поголема од вообичаената, што ја доведува во прашање стабилноста на понудата на домашниот пазар. Велат дека на пазарот на пченица настанале значителни промени, поради што компанијата ја следи состојбата и ги проценува залихите на сите суровини за да обезбеди стабилно снабдување на домашниот пазар.

Шемсудин Дедиќ, министер за земјоделство, водостопанство и шумарство на Федерацијата БиХ, ги повика земјоделците оваа година да сеат повеќе пченица и други култури.

Граѓаните освен што ги испразнија полиците во маркетите каде стоеше брашно, почнува да се јавува недостаток и од масло за јадење, пишува „Слободна Далмација“.

Трговците покрај шишињата масло истакнаа натпис во кој ги замолуваат граѓаните „купувајте најмногу 4 литри, поради познатата ситуација“. Да се купат по 5 или 6 литри не е забрането, но апелираат на совеста на потрошувачите да ја намалат потрошувачката за да има за сите. Дали граѓаните ги испразнија полиците во ирационален страв како на почетокот на пандемијата пред две години, или на БиХ навистина ѝ се заканува недостиг, времето ќе покаже, се вели во текстот на „Слободна Далмација“.

 

Категории: Вести, Слајдер