Сопствениците на приватни шуми и имоти од Малешевијата излегоа на мирен протест. Три часа го блокираа патниот правец Берово-Делчево. Бараат да им се вратат нивните површни за обработување кои се опфатени во заштитното подрачје Малешево. Веќе четири месеци не можат да си ги обработуваат нивите, со што под знак прашалник се става егзистенцијата на над 1500 семејства.
– „Согласно кој законски пропис е извршена забраната, кој субјект ја изврши и зошто ја изврши. Нема ниту еден одговор до ден денеска. Некаде околу 1500 луѓе практично остануваат без работа.“
– „Не се засегнати само оние кои имаат шуми туку сите овде. До сега само природата беше против нас, а сега еве и Собранието и Владата се против земјоделците.“
Неможноста да се искористат шумите во Малешевијата без суровини ги остави пиланите, а без работа вработените.
– „Берово нема друго природно богатство, тоа се само шумите, нема ниту голема индустрија. Три месеци луѓево кои инвестирале во пилани, во примарна преработка, без суровина даваат плата.“
На мирниот протест сопствениците на недвижен имот бараат Владата да ја поништи одлуката со која 11 илјади хектари се прогласени за заштитено подрачје, а 70% се во приватна сопственост. Тие најавија дека протестите ќе продолжат се додека не се иполнат нивните барања, бидејќи не се против зачувување на животната средина туку за обезбедување на својата егзистенција.
Видео: mnet.mk