Дали имате потреба од имплементација на варијабилна стапка на аплицирање?

Дали имате потреба од имплементација на варијабилна стапка на аплицирање?

 

Технологијата со варијабилна стапка (Variable rate technology-VRT) овозможува внес на ѓубрива, пестициди, семе и вода за иригација во различни количини на различни места според вистинските потреби без рачно менување на стапката на приклучната механизација и без потреба од повеќе поминувања на една иста област или површина.

Апликација со варијабилна стапка (Variable rate application-VRA) може да се однесува само на контрола на количина на проток на една супстанца или материја, па се до многу покомплексни операции каде што се менува количината на протокот, количината и видот на хемикалии како и самата шема на апликација. Преку анализа на податоци измерени на полето, просторно се одредува потенцијалниот принос на одредена култура и со помош на варијабилната стапка на аплицирање се врши корекција на внесот на одредени материи што резултира со создавање на ефикасност и намалување на потенцијалните штетни ефекти врз животната средина.

Технологијата со варијабилна стапка на аплицирање на материи овозможува просторна поделба на полето во управувачки зони и пронаоѓање на области со слични или различни карактеристики. Преку препознавање на карактеристиките на одредена област во полето се овозможува создавање на специјални рецептури за количина и вид на ѓубрива, намалена или зголемена количина на вода за иригација, повеќе или помалку третирање со пестициди и употреба на различна количина на семе при сеидба.

Генерално се разликуваат два типа на ВРТ:

  • Контрола на внесување базирано на мапи:

Мапа со информации за варијабилна апликација која е изготвена пред почетокот на операцијата.

  • Контрола на внесување за време на извршување на операција:

Прибирање на информации за време на изведување на агротехничката операција и донесување на моментални одлуки за тоа колкава количина на материја ќе се употреби и каде. За ова е потребно користење на сензори кои треба да ги детектираат потребните информации и обично се користи при операции каде што се аплицираат хербициди или се извршува прихрана со азотни ѓубрива.

varijabilna stapka softver

Софтвер за систем за варијабилна стапка

За правилно функционирање на системот за варијабилна стапка потребно е:

  • Мапи со информации кои покажуваат со колкава стапка треба да се аплицира одредена материја и на кое место. Обично ваквите мапи се создаваат во ГИС софтвери (Географски информационен систем).
  • Сателитски систем за глобална навигација, како што е ГПС-от кој овозможува машината за апликација просторно да ја интерпретира мапата со информации.
  • Механизација која подржува технологија со варијабилна стапка (прскалка, ѓубрерастурач, сеалка и друго).
  • Контролер кој ги користи ВРТ мапите за да може да ја варира количината според потребата на одредено место во полето.

Апликација на материи со варијабилна стапка изискува високо ниво на управување со податоци и нивна интерпретација. Вистинскиот бенефит може да се види кога имаме:

  • Голема просторна варијација
  • Помалку промени во стапките на апликација (кохерентност на полето)
  • Стабилност во шемата за варијабилна апликација
  • Висока цена на продукти што ќе се употребуваат

На пазарот постојат повеќе различни видови на механизација што поддржуваат ВРТ и секогаш треба да бидете внимателни при изборот на опрема. Внимателноста е потребна за препознавање на вистинските потреби во вашето производство и потоа донесување на одлука за тоа дали ќе изберете нова опрема и од кој произведувач или пак ќе направите модификација на веќе постоечката опрема. Исто така, треба да се земе в предвид дека при користење на течни ѓубрива се овозможува поголема контрола на аплицираната количина за разлика од грануларните ѓубрива.

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Механизација