Дали ќе биде блокиран Законот за продажба на земјоделско земјиште и што е решението?
Денес во 18 часот треба да се одржи првиот голем протест против носењето на новиот предлог Закон за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост. Речиси сите опозициски структури се против идејата на власта да собира пари во буџетот преку продажба на државна плодна почва.
Иницијативата Граѓански Фронт која отворено искажа и политички амбиции да прерасне во партија, протестот ќе го одржи пред Владата, упатувајќи порака дека ваков закон не смее да биде донесен кој може да нанесе огромна штета врз иднината на земјоделството.
Што сакаат власта и опозицијата?
Иако на политичката сцена се повеќе фокусот ќе биде ставен на надворешните прашање како решавање на спорот со Бугарија и започнување на преговори за членство во ЕУ, дебатата за законот се очекува и натаму да се заострува.
Бидејќи завршува периодот на јавна расправа и достава на предлози од страна на јавноста и засегнатите страни, следната фаза ќе биде расправата во Собранието.
Министерот за земјоделство Аријанит Хоџа вети дека во финализирање на предлог законското решение во предвид ќе бидат земени мислењата на сите засегнати страни.
„Ова е исклучително чувствителна тема и отворени сме да слушнеме каков било аргумент предложен за нацрт-законот за продажба на земјоделско земјиште” истакна Хоџа во емисијата Економски магазин и додаде дека сите земјоделци се заштитени, без разлика дали имаат екстремно големи земјишни површини, или помали.
Меѓутоа дебатата на парламентарците се очекува воопшто да не биде лесна, барем не според досегашните најави на опозицијата. Според Александар Николоски, потпретседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ако не бидат прифатени дел од клучните амандмани, законот ќе биде блокиран на сите можни начини.
„Државното земјоделско земјиште треба да се даде на земјоделците и оние кои сакаат да работат, да го работат под концесија, но никако да се продава, а особено не смее да се дозволи да се продава на луѓе со криминални намери кои што се од државата или од странство, но кои што немаат чесни намери” изјави Николоски.
Премиерот Заев пак, се спротивстави на опозицијата обвинувајќи ја дека е најлесно да би блокира решенијата. Без продажба на земјоделско земјиште не може да се оствари раст во овој сектор е неговиот став.
„Земјиштето нема никој да го носи ни во Австралија, ниту во Америка, ниту во Европа тоа е тука и тука останува. Прашањето го ставаме како ресурс за развој или не. Затоа ја отварам оваа дебата за сите, ние не брзаме, законот е на ЕНЕР, нека има дебата нека ги кажат сите своите мислења. Ние дефинитивно имаме најголеми аргументи, зашто оваа работа треба да продолжи, ако сакаме да растеме по бруто домашниот производ во делот на земјоделското производство. Ако сакаме да растеме во зголемување на продуктивноста на земјоделското производство, а да инвестираат сите оние кои работат на македонските ниви дополнително во механизација, во рационализација на трошоците и максимилизација на компетативноста на македонскиот земјоделски производ неопхдност е земјоделското земјиште да биде дадено во сопственост на сите инвеститори“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Какво треба да биде решението?
Во земјите од Југоисточна Европа и покрај реформите од 90-тите па наваму, сѐ уште значителна значителна количина земјоделско земјиште е во државна сопственост.
На пр. околу 11 милиони хектари во Украина, 276,5 милиони ха во Русија, 290,000 ха во Бугарија и 400.000 ха во Србија. Јасна визија за тоа како да се управува со оваа земја честопати недостасува. Сепак, постојат и некои ветувачки пристапи за ефикасно управување со државното земјоделско земјиште.
Според анализата на Катја Делс од БВГД управувањето со државно земјоделско земјиште мора да се базира на утврдена државна политика и програма, кохерентна правна рамка, транспарентен пазар на земјиште, функционален катастар и регистар на земјиште и транспарентни институции.
Спроведувањето на попис, создавање на посебна институција за управување со земјиштето, поставување на ИТ системи и бази на податоци, како и јасни постапки на на јавни тендери и повици за закуп и продажба и доделување финансиска поддршка се неопходни активности за поддршка на руралниот развој и подобрување на менаџирањето со земјишните ресурси.