Како неработната недела ќе влијае врз земјоделците и земјоделските стопанства?
Земјоделските здруженија и земјоделците поединци не се целосно запознаени со предложените законски измени кои предвидуваат недела да биде неработен ден и како тоа ќе се одрази врз нивната работа.
Земјоделците велат дека нивните работни активности не зависат од тоа дали е викенд или празник туку исклучиво од временски услови. Според предлогот кој го усвои Владата, а истиот треба да биде доставен и до пратениците се предвидува дека недела треба да биде неработен ден за сите работници. Тие што ќе работат во недела имаат право на слободен ден кој може да го искористат во наредните седум денови или пак на дополнителна дневница, но под точно определени услови.
„Земјоделството како трудово интензивна дејност се одвива во одреден временски период од годината и не е возможно секогаш да се практикуваат законите бидејќи работата на земјоделците зависи од временскте прилики. Тие очекуваат поволни временски прилики за да ги завршат нивните обврски. Овие законски измени полесно може да се применат во индустриските дејности без последици врз производството. Кога се работи за индивидуалните земјоделци тие одговараат за своето работно време, не се контролирани и не може да подлежат на законските одредби за слободни работни денови. Кај земјоделските стопанства кои имаат поголем број на вработени кои подлежат на Законот за работни односи, доколку не им се дозволи слободен ден или неработна недела им се прекршуваат правата, па затоа треба да им се доделат дополнителни бенефиции во фонд на слободни денови или дополнителна дневница. Кај одредени земјоделски гранки работата се врши додека времето е сончево е топло и ако тоа не е издводливо активностите да се прекинуваат и продолжуваат кога ќе се исполнат временските услови без оглед кој ден е од неделата. Предлог законот е добар за заштита на работниците, а конкуренцијата е основа за успех и тие одредби мора да се почитуваат“, вели Љупче Станковски претседател на здружението Агро Фаланга за Моја Фарма.
Дел од земјоделските здруженија не се согласуваат со одредени одредби од предложеното законско решение.
„Не се сложуваме целосно со предлог законот. Земјоделството не познава неработни денови. Во услови на орање, заштита и прихрана, берба или постбербени активности треба да се делува точно и навреме без одложување. Климатските промени тука се многу битен фактор и затоа треба да се внимава. Вработените треба да имаат од 70% до 100 % зголемена дневница, во зависност од работните часови“, велат од Здружението на земјоделци Агро Центар.
Работодавачите кои ќе организираат работа во недела треба да обезбедат дополнителни бенефиции за вработените, а ќе има посебни услови во трговијата како и во дејностите каде не може да се прекине технолошко-техничкиот процес.
Доколку законските измени поминат во Собрание ќе се применуваат од 1 октомври годинава. Додатокот за работа во недела и за празници треба да изнесува најмалку 100 отсто од дневницата за секој час поминат на работа.
Во случај да го прекршат законот и да работат во недела, тогаш ќе следи соодветна ригорозна казнена мерка.