Искористете ја моќта на сонцето – природен начин за ослободување на почвата од штетни микроорганизми, инсекти и плевели

Искористете ја моќта на сонцето – природен начин за ослободување на почвата од штетни микроорганизми, инсекти и плевели

 

Соларизација на почвата е нехемиски метод за контрола на штетници, болести и плевели што се наоѓаат во почвата преку употреба на високи температури предизвикани од сончевото зрачење. Методата вклучува загревање на почвата која што е покриена со транспарентен полиетиленски најлон во период од 4 до 6 недели. За најдобри резултати се извршува во најтоплиот период од годината кога почвата може максимално да ја акумулира директната сончева светлина. Со помош на полиетиленскиот најлон сончевата енергија се заробува и настанува акумулација на температурата во горните слоеви од почвата. Првите 30-45 центиметри од почвата се загреваат до 60 °C, при што се создава средина која што е смртоносна за најголемиот број на патогени во почвата (бактерии, габи, нематоди, инсекти и плевели).

Обично соларизацијата се прави во градинарското производство при одгледување на култури во затворен простор на помали површини. Во тие услови земјоделците не се во можност да создадат соодветен плодоред и не е исплатливо поместување на пластениците или тунелите. Исто така, културите кои што имаат повисока економска вредност и се најисплатливи за одгледување се и домаќини на истите видови на причинители на болести или пак штетници, каде што при активен развој на истите значително ќе се зголемат трошоците за заштита и најверојатно ќе има и помал и понеквалитетен принос. Во Македонија, како земја која што има карактеристични топли лета и голем број на сончеви денови, соларизацијата претставува еден од најефикасните и најекономичните начини за стерилизација на почвата.

Со соларизацијата можат да се контролираат голем број на почвени бактерии и габи кои што ги причинуваат следниве болести: вертицилиозно венење, фузариозно венење, гниење предизвикано од фитофтора, полегнување, рак на кореновиот врат, бактериско гниење и венење, краставост на компирот и многу други. Контрола на нематодите при употреба на соларизација е најефективна до 30 центиметри од површината на почвата. Ова се должи на способноста за движење на нематодите и овој метод може да го намали бројот на присутни нематоди, но не секогаш е целосно ефективен.

Контролата на плевели при соларизација е најуспешна доколку во почвата се наоѓаат семиња од едногодишни плевели. Повеќегодишните плевели обично имаат подлабок корен и развиени кртоли или ризоми што релативно лесно можат да се регенерираат и да ја покријат истата површина која што била соларизирана.

Бидејќи ова претставува неселективен метод на уништување на патогените, корисните микроорганизми успеваат за многу брз временски период да се опорават и да го оневозможат развивањето на штетните микроорганизми. Освен корисните микроорганизми, тука се и црвите кои исто така придонесуваат кон подобар воздушно-воден баланс во почвата и при соларизација тие преминуваат во подолните слоеви каде што соларизацијата нема да им причини штети.

Оваа метода може да биде уште повеќе подобрена и ефективна преку внесување на органска материја во површинскиот слој од почвата. При разложување на органската материја настануваат хемиски промени и производство на органски киселини кои што се штетни за организмите кои што живеат во почвата. Таквата метода е наречена биосоларизација и како најдобри органски материјии се арското ѓубриво и иситнети растителни остатоци од зелка.

Соларизација Сонце почва метод зрачење

Извор: W. Suckow

Соларизацијата се врши релативно лесно и во неколку чекори доколку станува збор за помали површини:

Подготовка на почва

Почвата треба да биде со добра гранулација и рамна површина. Во случај на поголеми воздушни џебови и нерамна површина, полиетиленскиот најлон полесно се движи и ја намалува температурата на почвата.

Наводнување

Оваа операција се врши пред поставување на најлонот за да се избегне преголема евапорација на почвата. Почвата треба да се наводни до длабочина од 30 центиметри и доколку настане сушење на почвата во периодот на соларизација, истата не треба да се наводнува бидејќи ќе се намали температурата.

Избор и поставување на најлон

Секогаш треба да избереме проѕирен најлон кој што е со УВ заштита, додека пак дебелината на најлонот зависи од природата на местото каде што ќе се врши соларизација. На ветровити места потребен е најлон со поголема дебелина за да се намалат шансите за кинење. При поставување на најлонот врз почвата потребно е истиот да биде затегнат и сигурно прицврстен. Тоа се постигнува со закопување на едната страна од најлонот во почвата и силно повлекување на другиот крај за да се овозможи правилно поставување. Исто како и првата страна се закопуваат и другите страни. Најбитно е најлонот да е  поставен што поблиску на површината на почвата.

Период на соларизација

Операцијата е секогаш детерминирана од временските услови и температурата. Со помош на термометар и со следење на временските услови најдобро може да се одреди периодот на соларизација, односно може да се продолжи или скрати операцијата. Во пракса обично се доволни од 4 до 6 недели за извршување на комплетна соларизација. При облачно време потребно е да се продолжи или пак при големи температури овој процес може да се скрати.

Отстранување на најлон

Најлонот се отстранува и се внимава да не се разровка површинскиот слој на почвата. При култивирање на почвата пред садење, операцијата треба да се изврши на што помала длабочина за да не дојдат на површината преживеаните семиња од подолните слоеви.

 

Автор: Марио Петковски

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури