Креирањето одржливи системи на храна во фокус на проектот CITIES2030

Креирањето одржливи системи на храна во фокус на проектот CITIES2030

 

Сегашните системи за храна не се одржливи и се под постојан притисок. Еколошките предизвици (на пр., климатски промени, губење на биолошка разновидност, недостиг и деградација на природните ресурси), како и зголемените социјални нееднаквости,  сиромаштијата, гладдта и неухранетоста, како и урбанизацијата, вршат сериозен притисок врз градовите и нивните пери-урбани интерфејси (зоните кои се наоѓаат на границите помеѓу урбаните и руралните области).

Се проценува дека до 2050 година во светот ќе живеат околу 9,7 милијарди луѓе. Не само што ќе се зголеми побарувачката за храна, туку дополнителен предизвик со кој ќе се соочат системите за храна е тоа што над 70 % од луѓето ќе живеат во градовите. Затоа, потребно е преиспитување на улогата на градовите како промотори на позитивни промени и нивно подготвување за справување со претстојните предизвици.

Проектот „Ко-креирање на стабилни и одржливи системи на храна во согласност со FOOD2030“ (CITIES2030) со траење од четири години (2020-2024) e финансиран од Европската Унија преку програмата за истражување и иновации Хoризонт 2020. Конзорциумот на проектот CITIES2030 е составен од 41 партнер од 19 европски земји, а дел од партнерите се и македонската компанија АгФутура Технологии, како и македонското здружение Платформа за зелен развој.

Главната цел на проектот CITIES2030 е да создаде урбани системи за храна и екосистеми адаптирани на претстојните предизвици каде централно место ќе има човекот. Проектот CIITES2030 ќе ги обедини истражувачите, претприемачите, лидерите на граѓанското општество и сите чинители на урбаните системи за храна и екосистемите, кои заедно ќе работат во насока на трансформација и преструктуирање на начинот на производство, транспорт, снабдување, рециклирање и повторна употреба на храната во 21 век. 

Како очекувани придобивки за градовите од активностите во рамки на проектот се намалување на отпадот од храна, обезбедување пристојни можности за егзистенција и безбедна храна за сите и промовирање одржливи начини на производство на храна. Визијата на CITIES2030 е да ги поврзе кратките синџири за снабдување со храна, градовите и регионите, потрошувачите, како и  стратешките партнери во индустријата, граѓанското општество, стартап компаниите, малите и средните претпријатија, иноваторите, водечките универзитети и истражувачките центри преку создавање и користење на една дигиталната платформа за управување со урбани системи за храна и екосистеми базирана на блокчеин технологија.

За повеќе информации за проектот посетете ја официјалната страна: www.cities2030.eu

 

 

Категории: Вести