Конзервациско земјоделство, што е тоа?

Конзервациско земјоделство, што е тоа?

 

Поради климатските промени во светот, се зголемува бројот на проблеми поврзани со деградација на почвата. Сè почестите невремиња и поплави дополнително влијаат на забрзана деградација. Проблемот воопшто не е за занемарување. Со самата деградација на почвата, доаѓа до испуштање на стакленички гасови, што значи дека самиот процес на деградација директно влијае врз климатските промени. Но, постои решение – конзервациско земјоделство! Што всушност претставува конзервациско земјоделство? Суштината на овој вид на земјоделско производство се состои во следниве неколку чекори:

– Фармерите не ја обработуваат почвата, односно „ја вознемируваат“ што е можно помалку, оставајќи структурата на почвата и нејзиниот екосистем да се возобноват.

– Во полињата се оставаат остатоци од културите кои биле засадени претходната сезона, со цел да се спречи испарувањето на водата од почвата и да се намали ерозијата. Оставањето на остатоци од минатогодишните култури, исто така, влијае и врз контрола на плевелите.

– Диверзификацијата на сортите е исто така клучен елемент во конзервациското земјоделство, а се прави со цел да се зголеми отпорноста на почвата кон штетници и болести.

Со овој метод на производство, фармерите го намалуваат бројот на подготвителни мерки и заштитни операции – со што се заштедуваат пари за гориво, а притоа им преостанува повеќе време за менаџирање на фармите.

Конзервациско земјоделство

Фото: midlandsconservanciesforum.files.wordpress.com

Конзервациското земјоделство ја намалува ерозијата и ја прави почвата поплодна. Кога почвата содржи повеќе органски хранливи материи добива сунѓереста структура, која ги задржува и хранливите материи, но задржува во себе и големи количини на вода.

Вистински предизвик е да се заменат вековно старите практики на обработка на почвата. Ваквиот начин на обработка бил пренесуван од генерација на генерација. Но, фармерите се свесни за сè поголемите инвестиции кои традиционалниот метод ги повлекува со себе, како што се набавка на ефикасни хербициди, набавка на нова механизација и потребата од големи вложувања во едукација и знаење – па принудени се да бараат поедноставни, а сепак ефикасни методи како што е всушност концервациското земјоделство.

Поволностите кои ги нуди конзервациското земјоделство се далекусежни. Конзервациското земјоделство има можност со многу помали инвестиции да ги држи фармите продуктивни и за следните генерации. Малите вложувања за подготовка на полињата за сеидба, како и малите вложувања во набавки на заштитни средства – ветуваат големи резултати за во иднина!

 

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

 

Категории: Зелен развој