Опасност од појава на Едемска болест при одвојување на прасињата од доење и започнување исхрана со цврста храна
Едемска болест е заболување кое се јавува кај прасињата кои што се во процесот на одвојување од мајката доилка. Распространета е низ целиот свет и претставува болест која може да има големи економски последици, бидејќи може да предизвика штети во многу краток период.
Најчесто болеста се јавува кај прасињата кои што имаат најголем апетит и се во најдобра кондиција. Кај овие грла се случува пренатрупување на храна во желудникот и цревата, по што внесената храна почнува да ферментира и настанува пореметување на цревната флора, ослабнува перисталтичното движење и варењето на храната е намалено. Овие услови се идеални за развој на други бактерии кои влијаат негативно на дигестивниот систем.
Болеста е предизвикана од патогени сорти на Ешерихија коли (Escherichia coli), која што претставува Грам-негативна бактерија со влакненца кои и помагаат да се движи. Може да се развива во аеробни и во анаеробни услови, најчесто во пределот на малото црево и се прилепени за епителниот ѕид. Токсинот кој што е создаден од страна на бактеријата се абсорбира преку мазните мускулни клетки на дигестивниот систем. По навлегување во крвотокот кај прасињата, првин го зголемува крвниот притисок и ги оштетува артериолите. Токму поради овие оштетувања настануваат препознатливите отоци, едеми и лезии.
Болеста се одликува со висок процент на смртност. Во период од 7 до 14 дена откако прасињата се одвоиле од доење, најчесто доаѓа до нагло оболување на едно или повеќе најнапредни прасиња.
Заболените прасиња ги покажуваат следните симптоми:
- Брзо дишење
- Покачена телесна температура
- Губење на апетит
- Губење на рамнотежа
- Мускулен тремор
- Парализа на предни и задни екстремитети
- Оток во пределот на очите и грлото.
По парализирањето на екстремитетите, прасето паѓа на земја и почнува со некоординирано мрдање на екстремитетите.
По појавување на симптомите, прасињата треба да апстинираат од исхрана на еден до два дена. Како терапија се користат антимикробни лекови како што се ампицилинот, амоксицилинот, неомицинот, тетрациклини, сулфонамиди, спектомицин и гентамицин. Дополнително, со додавање на цинк оксид може да се намали ефектот на болеста. Исто така, внесувањето на активен јаглен во организмот на прасињата може да служи како средство за отстранување на веќе насобраните токсини во тенкото црево. На пазарот постојат и превентивни комерцијални вакцини.
Прасињата кои не можат да станат по 3 дена откако почнал процесот на лекување, треба да се отстранат од просторот за одгледување и да се успијат.
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.