Какво е значењето на извештајот за климата на ОН во однос на храната

Какво е значењето на извештајот за климата на ОН во однос на храната

 

Континуираниот пораст на глобалните температури ќе има ужасни последици за агро-бизнисот. Извештајот за климата на Обединетите Нации ни дава подетален приказ на тоа какви ќе бидат последиците од промената на климата во однос на производството на храна.

Новиот извештај од Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) на Обединетите Нации е директен и недвосмислен. Луѓето се одговорни за климатските промени во атмосферата, океаните и копното.

Извештајот открива дека последните четири децении биле потопли од кога било досега и дека човечката активност ги забрзала нештата како што се порастот на температурите, топењето на глечерите на Арктикот и зголемувањето на нивото на морето.

Овие промени на глобалните температури резултираа со сè посурови временски услови кои влијаат на големи области на планетата. Во извештајот се наведени топлотни бранови, како што е неодамнешниот топлински џеб над пацифичкиот северозапад во САД, што резултираше со смрт на работник во фарма во Орегон, а се спомнуваат и долгите суши, поплавите и тропските циклони.

Најтрагично, овие промени во суштина се перманентни, односно планетата е на пат да продолжи со затоплувањето. Прашањето повеќе не е како можеме да ги запреме климатските промени, туку како да спречиме да се случи најлошото.

Земјоделството и агробизнисот се под силно влијание на климатските промени, но тие исто така можат да бидат значаен дел од тоа како да ги стабилизираме промените пред тие да станат уште полоши.

Во продолжение ќе ги разгледаме мислењата на експертите за да разбереме што значи извештајот на IPCC за земјоделството и какви промени може да очекуваме од индустријата во наредните години.

  • Ќе дојде до преместување на луѓето и посевите на глобално ниво

Со зголемувањето на температурите, расте и нивото на морето. Во текот на следниот век, најверојатно ќе има масовно раселување на луѓе долж крајбрежните региони и особено преку пацифичките острови и делови од Азија. Крис Барет, земјоделски економист на Универзитетот Корнел, вели дека „Ова во голема мера ќе биде проблем за оризот и аквакултурата. Тоа се двата производствени системи кои ќе бидат најмногу нарушени “.

Барет вели дека оризот е најконсумирана храна во светот, така што со голема миграција на луѓе, исто така, ќе има побарувачка за обработка на нова земја за одгледување ориз и значителни промени во исхраната, додека раселените луѓе не се прилагодат на новата храна.

Веќе видовме промена на посевите за да се компензира за новонастанатите временски услови. Американскиот „појас на пченка“ (објаст во САД) се придвижува кон север и запад за да брка подобри температури. Доминик ван дер Менсбруге, директор на Центарот за глобална анализа на трговијата на Универзитетот Пердју, вели дека земјоделците можат да се прилагодат при префрлањето на културите од регион во регион, но потешко е за културите да се заштитат самите себеси од екстремни временски услови. „За оние кои работат повеќегодишни култури, ваквите неповолни услови можат да ги уништат виновата лоза или овошните дрвја и би можеле да имаат долгорочно влијание“, вели Ван дер Менсбруге. „Во некои случаи, земјоделците може да одлучат да излезат од бизнисот, бидејќи едноставно не можат да се справат со загубата“.

  • Вредноста на земјиштето ќе се зголеми

„Земјата е вреден ресурс, и не само за производство на земјоделски култури и за одгледување добиток“, вели Барет. Додека се бараат начини за промена на бизнис моделите, Барет предвидува дека повеќе земјоделци ќе најдат кариера во искористувањето на нивната земја за повеќе од храна и растителни влакна. „Како што ја подобруваме ефикасноста на пренос на електрична енергија од руралните средини до урбаните области, станува се поисплатливо да имаме турбини на ветер, соларни панели и геотермални бунари во денешните обработливи површини“, вели Барет.

Со промена на намената на земјоделските површини, ќе се зголемува зависноста од вертикалното земјоделство, кое може да се доближи поблиску до урбаните центри. Барет вели дека ова ќе биде клучно за многу региони како што е субсахарска Африка, кои ќе имаат најголем бум на населението во овој век, а исто така ќе придонесе и за зголемување на побарувачката за храна. „Таму ќе треба да се случи поголемиот дел од производството на храна. Иако трговијата е важна, приближно од ⅔ до ¾ од целата храна се троши во земјата во која е произведена “, бидејќи поинаку е премногу скапо, вели Барет.

Сегашните политики не одат доволно далеку во правец на стимулирање на производителите да го складираат јаглеродот во почвата, ниту да бараат одговорност од корпорациите за нивните емисии, велат експертите. „Има компании што прават подобро и полошо. Има и влади што прават подобро и полошо од другите, но навистина сето тоа се одвива премногу бавно. Никој не се движи доволно брзо за да се спречат навистина катастрофални резултати“, вели Барет.

  • Не е сè загубено

Иако според извештајот за климата предвидувањата се ужасни, сепак постојат работи што можеме да ги направиме за да ги ублажиме најлошите ефекти од климатските промени, и можеби сеуште постојат причини за оптимизам.

Прво, вели ван дер Менсбруге, постои неспорен консензус дека ефектите и причините од затоплување на климата се реални. „Не мислам дека климатскиот негирање е валидна позиција. Мислам дека дојде до промена во начинот на размислување. Сè уште не се имплементирани построги промени во политиките, но мислам дека ќе дојде и до тоа“, потенцира ван дер Менсбруге.

Второ, земјоделството е еден од економските сектори кој е принуден да спроведе реални промени и да стане јаглеродно неутрален, или пак целосно да се ослободи од емисиите на јаглерод. Еден начин да се направи тоа, вели ван дер Менсбруге, е да се стави цена за емисиите на стакленички гасови. „Политичко решение за овој проблем беше тешко да се изнајде, но ќе им бидат обезбедени стимулации на сите поединци како би ги намалиле емисиите и/или би ги складирале истите“.

Агробизнисите секогаш балансираат помеѓу практикување одржливо земјоделство и хранење на планетата. Но, ако ги земеме информациите во овој извештај и да ги искористиме за да се прилагодиме, можеме да ги спречиме најлошите ефекти од климатските промени.

 

Категории: Вести