Кои се предностите на аквапониката и како да се воспостави идеален систем на производство?

Кои се предностите на аквапониката и како да се воспостави идеален систем на производство?

 

Аквапоника е систем кој е комбинација од конвенционалната аквакултура (одгледување на риби и други водни животни) и хидропоника кои функционираат во симбиотска (взаемна) средина. Во нормалната аквакултура, секретите од одгледуваните животни можат да се акумулираат во водата, зголемувајќи ја нејзината токсичност. Во аквапоничен систем на производство, водата од системот за аквакултура се влева во хидропоничен систем каде нуспроизводите се распаѓаат под дејство на нитрификациски бактерии првично во нитрити, а потоа и во нитрати кои растенијата подоцна ги користат како хранливи материи. Потоа, откако се искористени хранливите материи од страна на растенијата, водата се враќа во аквапоничниот систем.

Историски гледано, раните форми на аквапониката биле вештачки создадени острови од кал и дрво кои што пловеле во плитки езерца исполнети со водни животни (риби, јагули, полжави). Таквите форми биле употребувани од страна на Ацтеките и Кинезите.

Аквапониката се состои од два главни дела, аквакултурен дел за одгледување на водни животни и хидропонскиот дел за одгледување растенија. Отпадокот во водата, кој произлегува од неизедена храна и изметот од одгледуваните животни, се акумулираат во водата поради затворениот систем на кружење. Водата богата со отпад станува токсична за водното животно во високи концентрации, но таа содржи хранливи материи неопходни за раст на растенијата.

Иако се состојат првенствено од овие два дела, системите за аквапоника обично се групираат во неколку компоненти или подсистеми одговорни за ефикасно отстранување на цврстиот отпад, за додавање бази за неутрализирање на киселините или за одржување на кислородот во водата. Типични компоненти  во еден аквапоничен систем вклучуваат:

  • Резервоар за одгледување и хранење на рибите;
  • Базен за таложење кој се користи за отстранување на неизедената храна и одвоени биофилмови и за филтрирање на ситни честички;
  • Биофилтер, односно место каде што можат да растат нитрификационите бактерии и да го претвораат амонијакот во нитрати;
  • Подсистем на хидропоника: дел од системот каде што се одгледуваат растенија со способност за апсорбирање на вишок хранливи материи од водата;
  • Собирен канал како најниска точка во системот каде што водата се враќа назад во резервоарите за одгледување.

Аквапонискиот систем e зависен од различни живи компоненти за успешно функционирање. Трите главни живи компоненти се растенија, риби (или други водни суштества) и бактерии. Некои системи исто така вклучуваат дополнителни живи компоненти (црви).

Аквапоника

Аквапоничен систем
Извор: Ryan Somma – Aquaponics

Многу растенија се погодни за одгледување во аквапоничен систем, но најголем успех има во производството на култури со ниски и средни потреби од хранливи материи. Такви култури се: марула, кинеска зелка, босилек, спанаќ, кромид, власец и итн.

Слатководните риби се најпогодни врсти за одгледување во аквапоника, а може да се одгледуваат и морски риби, но тој систем бара различно управување. Од слатководните риби, врстата тилапија во праксата се покажала како најадекватен вид кој може да функционира во поголеми популации на помал простор, како и при квалитативни промени на водата. Денес речиси сите економски значајни врсти на тилапијата кои се одгледуваат во аквакултури припаѓаат на родот Oreochromis, а убедливо најзастапена е нилската тилапија O.niloticus со 85% во светското аквапонично производство.

Нитрификацијата, аеробната конверзија на амонијак во нитрати, е една од најважните функции во аквапоничниот систем бидејќи ја намалува токсичноста на водата за рибите и дозволува добиените соединенија на нитрати да се отстранат со помош на исхраната на растенијата. Амонијакот се ослободува во водата преку секретите и жабрите како производ на метаболизмот на рибите, но мора да се филтрира надвор од водата бидејќи поголемите концентрации на амонијак (обично помеѓу 0,5 и 1 ппм) може да го наруши растот, да предизвика оштетување на ткивата, намалување на отпорноста кон болести, па дури и смрт. Амонијакот може да се претвори во побезбедни азотни соединенија преку комбинација на здрави популации од 2 вида бактерии: Nitrosomonas кои претвораат амонијак во нитрити и Nitrobacter кои потоа ги претвораат нитритите во нитрати.

Аквапоника

Конверзија на амонијак

Овој систем на производство е економски исплатлив, бидејќи фармерите имаат два извора на профит. Аквапониката на места каде што има почва со лош квалитет или пак загадена вода, претставува идеално решение за производство.

 

Автор: Марио Петковски

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури