проф. д-р Кабранова: Како идни агрономи, студентите на ФЗНХ ќе ги решаваат проблемите со недостиг на храна и климатските промени

проф. д-р Кабранова: Како идни агрономи, студентите на ФЗНХ ќе ги решаваат проблемите со недостиг на храна и климатските промени

 

Вистинскиот избор на факултет и стекнувањето на диплома е една од најважните одлуки во животот. Не постои ниту една поисплатлива и посигурна инвестиција од вложување во вашето знаење. Ако се одлучите за професијата агроном ќе може да одговорите на глобалните проблеми како недостиг на храна и справување со последиците од климатските промени, кои и тоа како ќе бидат значајни во следните декади. Патот до професија во земјоделството води преку Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Зошто да станете агроном, односно дипломиран земјоделски инженер? 

Земјоделството и производството на храна е основа за развој на целокупниот систем, како на националната, така и на светската економија. Кај нас, земјоделско-прехранбениот сектор е  еден од најзначајните сектори со учество од 15 % во бруто домашниот производ. Нашата држава има поволни климатски услови за квалитетно земјоделско производство, а македонските производи се препознатливи надалеку во светот. Исто така, треба да се истакне дека во последниве неколку години, голем дел од странските и домашни инвестиции се насочуваат токму во овој сектор. Земјоделско-прехранбениот сектор е директно поддржан и од државата преку разни мерки за субвенционирање. Затоа, обезбедувањето на стручен кадар од областа ќе биде клучно за идниот развој на секторот.

Кабранова

Проф. д-р Ромина Кабранова

„Од факултетот произлегуваат генерации на студенти кои се вклучени во решавање на предизвиците на глобално ниво, како што се производството на здрава и безбедна храна, сиромаштијата, недостигот на почва и вода, климатските промени и глобалното затоплување кои претставуваат сè поголеми проблеми и со чии влијанија се соочуваме и кај нас“, порачува проф. д-р Ромина Кабранова, продекан за настава на ФЗНХ.

Зошто студирањето на Факултетот за земјоделски науки и храна е добар избор?

„Студентите се во центарот на нашето внимание. Имено, уште од самото основање во далечната 1947 година па до денес, Факултетот за земјоделски науки и храна целосно е посветен на својата основна задача и мисија, студентите да ги постигнат највисоките академски стандарди преку стекнување на знаења и компетенции од најновите научни достигнувања, а кои се во интерес на развојот на современ земјоделско-прехранбен сектор, согласно основните цели за развој на нашата држава и потребите на стопанството“ велат од ФЗНХ. 

Факултетот обезбедува квалитетно теоретско и практично образование во одлични услови за студирање и модерно опремени училници и лаборатории, амфитеатри, предавални, компјутерски училници и друга соодветна опрема за непречена реализација на наставно-образовниот процес на студентите.

 

Категории: Интервјуа

Слични Новости