Христов: Со вишокот храна да нахраниме над 20 илјади луѓе за цела година

Христов: Со вишокот храна да нахраниме над 20 илјади луѓе за цела година

 

Банките за храна и дигиталните платформи за организирање на донации на вишок храна работат на решавање на проблемот со фрлањето храна во отпад со која може всушност да се нахранат над 20 илјади граѓани во социјален ризик во Македонија.

На светскиот ден за зголемување на свеста за фрлањето на храна и намалување на отпадот, разговараме со Душко Христов претседател на Банка за храна Македонија. Дигиталните платформи за донирање вишок храна во Македонија како FoodShare треба да се развиваат. Се очекува и носење на законско решение кое неколку години е во заглавена процедура, а ќе го регулира управувањето со вишоците храна кај економските оператори.

dusko hristov

МојаФарма: Има ли проценки колку вишок храна годишно во Македонија се фрла на отпад и колку граѓани кои се во социјален ризик без редовни оброци може да се нахранат со тие количини?

Било која апроксимативна бројка на количини фрлена храна искажана од било кој фактор во дражавата би била несоодветно прикажана или во најмала рака неточна, а причината е едноставна – нема можност тие податоци да се потврдат бидејќи ниту еден субјект оператор со храна (производител, дистрибутер или трговец) или институција сакаат или имаат желба тоа да го прикажат. Едноставно оставени сме во „етерот“ на манипулација со тие бројки во зависност кој прашаува и за која цел!

Преку лични постапки и анализи за докажување на тие вишоци храна т.е. храна која завршила на депонија (и тоа само на Дрисла од каде може да се добијат некакви податоци…), како и со конкретни прашања и разговори со поголемите производители и дистрибутери, нашиот став е дека различни се количините и бројките на фрлена храна и тие би биле помеѓу 7 и 10.000 тони годишно, не сметајќи ги вишоците од земјоделските производи кои завршуваат во канали или реките, или пак остануваат на нива несобрани.

Ако изведеме една средно просечна бројка од нашиот став т.е дека имаме околу 8.000 тони фрлена храна, и ја поделиме по 1кг по лице помножено со 365 денови ќе добиеме податок дека околу 22.000 луѓе можат да бидат обезбедени со по еден достоен оброк во текот на една цела година!

МојаФарма: Што вас ве мотивираше да се активирате во областа на собирање и донации на вишокот на храна?

Доколку секој совесен граѓани се сврти околу себе и во непосредната околина види дека скоро па на секој чекор имаме отпад или фрлена храна како во контејнерите, а со одредена доза на значителност и „ѕиркање“ во затскриените делови зад маркетите и на зелените пазари, ќе увиди дека е невиден срам и грев колкав е обемот на храна која се фрла, а наспроти тоа сме и сведоци на „битката“ околу контејнерите за корка леб.

Затоа во 2008 година јас и дел од тогашната група од над 20 лица рековме дека ќе се потрудиме да ги споиме тие две работи – вишокот храна со оние на кои таа им е потребна….

МојаФарма: На кој начин функционира една банка за храна, како се води евиденција за исправноста на храната и рокот на траење, за потоа да биде доставена до тие на кои им е потребна?

Многу просто, се обраќаме до операторите со храна, им нудиме разни видови на соработка особено при решавање на нивниот вишок во храна, доколку донираат ја прифаќаме во нашето складиште, ја евидентираме и вршиме одредни проверки за исправноста и рокот на употреба, ја пакуваме во пакети кои како број и по списоци ни се доставуваат од локални партнер организации или општини и истата на транспарентен начин се дели на крајните корисници. Нашата локална Банка за храна Македонија во Кавадарци, оди чекор понапред и истата пакаувана храна им ја носи до дома на корисниците.

МојаФарма: Дали постојат дигитални решенија или платформи кои може да понудат повеќе централизирани информации за начинот на донирање и депонирање на вишокот на храна какви се вашите искуства, колку тие може д помогнат во целиот процес?

Има многу најави и предлози, но вистинско решение за една таква платформа сѐ уште нема. И ние како Банка за храна сме дел од проект во чии рамки се оформува една таква платформа, но потребно е време истата да се тестира и стави во функција.

МојаФарма: Законот за донирање на храна веќе две години е заглавен. Што се случи со оваа иницијатива, на кој начин ќе биде регулиран бизнис секторот, дали ќе има и казни за неспроведување за отпадот од храна?

Споменатиот предлог Закон за донирање на вишоците храна е заглавен некаде во владина фиока уште од септември-октовмри 2019, а има многу причини зошто истиот не е во јавен етер. Оправдувањето се препишуваше на Ковид-19 пандемијата, дел на предвремените параламентарни избори 2020 но, секако дека дел е и од техничко-суштествен карактер, бидејќи забелешки на предлогот доаѓаат и од Секретаријатот за европски прашања, а кои се тие никој не знае!

Ова е знак дека работната група во која е и Банката за храна Македонија мора да се собере и седне на маса да се „испеглаат“ разликите и предлозите, и следниот чекор е јавна расаправа во Собранието на РСМ.

МојаФарма: Често барате и вишоците на во земјоделското производство дека треба да завршат како донации. Може ли да ни објасните на што точно мислите како би се организирал тој процес?

Секој земјоделски производ кој не се конзумира или поточно речено не се продаде на пазарот, обично завршува или како остаток на нива несобран, или во некој канал или во река, и како таков не може да се користи.

Тие неискористени земјоделски производи досега не беа ставени во категоријата на вишок храна во земјоделството, и како што посочивме завршуваат насекаде но, не и на трпезите на дел од фамилиите во социјален ризик во форма на донација.

Зошто е тоа така одговори се бараат во надлежните институции, но секако и кај самите производители, а и едните и другите досега не дадоа конкретен одговор.

Ние како организација веќе поттикнавме можна дебата и за оваа категорија и тип на вишок храна која мора да биде ставена и регулирана преку предлог Законот за донирање на вишок храна.

Тоа е предизвик за сите нас во општеството кое е едно од посиромашните во Европа.

 

Категории: Интервјуа

Слични Новости