Историја и легенди за оризот во Македонија – Од антиката до Османлиската империја
За Кочанскиот ориз и неговото масовно производство се создадени голем број на легенди, преданија, но и историски записи. Првите потврдени писмени записи потекнуваат од раниот XVI век.
Според одредена група на автори и истражувачи, одгледувањето на оризовата култура во Кочанско се поврзува со времето на Александар Македонски, односно после походот на Персија. Според друга легенда, со потекло од селото Оризари, се спомнува дека оризовата арпа била донесена во втората половина на IX век, во времето на Константин Бегалнички, од страна на отец Арсо на враќање од Египет. Постојат и други теории за тоа како оризот бил донесен на овие простори, како на пример дека оризот е донесен од страна на некои дубровнички трговци, или од страна на трговецот Кочо, пред 1337 година (оттука и поврзаноста со името на градот).
Првите писмени записи за оризопроизводството во Македонија потекнуваат од средината на XV век. Во пописните тефтери за Велешкиот вилает од 1445 година е забележано селото Оризари или на турски – Челтикчијан. Оризарството тогаш се пренесувало од колено на колено и останувало во потесниот круг на семејството. Оние кои одгледувале ориз било нарекувани оризари, челтикќи, челтукчи. Тогаш оризарите биле ослободени од тешките давачки, ангарии и други даноци, но биле задолжени да ја обработуваат земјата и да даваат одредена плата во пари или во натура на државата.
Освен оризарите/производителите, во овој дел од земјоделското производство постоеле и други професии или категории на занимања. Некои од нив биле водари, полјаци и гумнари. Исто така, како директна поврзаност со производството на оризот била и професијата ќурекчија, односно луѓе кои биле задолжени за одржување на каналската мрежа за наводнување и разработување на нови оризови површини. Оваа професија во превод значела лопатар.
Во тефтерите на Хаџи Косте Хаџи Стефчевиќ, еден од најбогатите трговци во Скопје, е запишано дека кочанскиот ориз бил испраќан во султанскиот двор во Цариград. Оваа информација е потврдена со фактура од 13 февруари 1857 година, каде што е наведена испорака од 23 товари кочански ориз во Сараево.
Во поново време, по балканските војни, било забележано дека Кочанското “златно поле” годишно произведува од 200-250 вагони на ориз, а цената на 1 декар варирала од 20 до 600 динари. Во 1922 година, според записите на инспекторот Миливој Савиќ од тогашното Министерство за стопанство, била забележана вкупна површина засеана со ориз од 1084 хектари.
Во 1932 година, Земјоделската опитна станица од Скопје започнува со воведување на метода на расадување на оризот како унапредување во производствениот процес. Оризот продолжил да има значајно место и во периодот по Втората светска војна. Во 1949 година откупот на ориз од главната дирекција за откуп се става под ингеренции на Министерството за државни набавки.
Преземено од: Атанасова, И., Ајтовска, Љ., Петров-Фафа, В., Андреевска, Д., Андов, Д., Илиева, В. (2015), Кочанскиот ориз, Кочани