Поглед од птичја перспектива: ICAERUS – проект на ЕУ за евалуација на придобивките и ризиците од употреба на беспилотни летала во земјоделството, шумарството и руралните области

Поглед од птичја перспектива: ICAERUS – проект на ЕУ за евалуација на придобивките и ризиците од употреба на беспилотни летала во земјоделството, шумарството и руралните области

 

ICAERUS беше лансиран со цел да ги процени ризиците и влијанијата од употребата на беспилотни летала. Проектот ќе ја истражи можноста за употреба на беспилотни летала и ќе промовира безбедно и ефикасно користење на дронови за поддршка на земјоделството, шумарството и руралните заедници во ЕУ.

Со цел безбедно и ефикасно користење на беспилотните летала како повеќенаменски возила, технологијата треба да помине процес на темелно тестирање и притоа да биде соодветно оценета. Визијата на ICAERUS е да ги истражи економските придобивки од употреба на беспилотни летала, додека истовремено ги мери негативните ризик фактори и влијанијата врз животната средина. Проектот има два отворени повици за проширување на финансиската поддршка на индустријата и академската заедница, како би се забрзало истражувањето и распоредувањето на дронови во ЕУ. ICAERUS е финансиран од страна на Хоризонт Европа и е започнат во Јули 2022 година со буџет од 6 милиони евра.

Беспилотните летала повеќе не се само футуристички играчки – тие можат да доставуваат лекови до оддалечените области, да ја следат почвата за земјоделците, да мапираат непристапен терен, па дури и да следат екстремни временски настани како урагани, бури и торнада.

Всушност, беспилотните летала имаат потенцијал да трансформираат голем број програми на Европската комисија, вклучувајќи ги Стратегијата „Од фарма до виљушка“, Стратегијата на ЕУ за биолошка разновидност и Дигиталната стратегија, истовремено помагајќи да се постигнат целите на Зелениот договор 2030 и овозможувајќи економија која е прифатлива за сите. Но, иако овие беспилотни возила стануваат се попопуларни и достапни, сè уште има ограничувања – тие сè уште се сметаат за скапа инвестиција во руралните заедници. Загриженоста за социо-економските прашања и прашањата за приватност, како што се заштитата на податоците и злоупотреба на истите, игра важна улога. Дополнително, прописите за сопственост и безбедност на дронови се сè уште ограничени.

Помогни и забрзај

Без доволно тестирање и собирање податоци, потенцијалните ризик фактори од употребата на дроновите можат да ги надминат придобивките. Целта на ICAERUS е да го промени ова. Акронимот ICAERUS е кратенка за Иновации и градење капацитет во земјоделските еколошки и рурални дронски услуги (Innovations and Capacity building in Agricultural Environmental and Rural Uav Services). Проектот беше лансиран со двонасочна стратегија: прво, да се затворат празнините во знаењето и да се намалат факторите на ризик, и второ, да се помогне во промовирањето на употребата на дронови во оддалечените области.

Пристапот на проектот со инволвирање на повеќе учесници, ги обединува засегнатите страни од земјоделскиот/агробизнис секторот, академските истражувања и индустријата за беспилотни летала. Конзорциумот го сочинуваат 13 партнери од осум различни земји на ЕУ.

За да придонесе во процесот на забрзување, една од поважните цели на проектот ICAERUS е да ги поврзе индустријата, истражувачите и крајните корисници. Со цел да се соберат и искористат веќе постојни знаења и податоци за побарувачка, проектот за тие намени ќе финансира надворешни соработници. Има два главни мандати за тестирања со отворен повик:

1) „Push“ повикот ќе поддржува проекти за развој на иновации – ова може да ги вклучи сите ентитети, од истражувачки институти до производители на дронови и IoT компании, сѐ до старт-ап компании кои работат со податоци од дронови.

2) „Pull“ повикот ќе ги таргетира и финансира крајните корисници на оваа технологија – проектите од руралните заедници, агробизнисите, земјоделците, институциите вклучени во процесите на управување со катастрофи, зачувувањето на дивиот свет и мониторингот на животната средина. Сите овие ентитети ќе бидат поддржани од ICAERUS.

„Ова е проект кој целосно ја менува играта за европските рурални области“, изјави д-р Спирос Фунтас, професор на Земјоделскиот универзитет во Атина. „ICAERUS има за цел да го искористи напредниот потенцијал на технологиите на беспилотни летала и да даде значителни влијанија за земјоделците и руралните заедници. Нашиот четиригодишен акциски план комбинира истражување и развој со демонстрација и обука, заедно со насочена финансиска поддршка преку отворени повици (грантови) за развивачи на технологија и рурални заедници“, вели проф. Фунтас.

Овој заеднички и сеопфатен обид да се забрза истражувањето на беспилотните летала за остварување одржливи цели и за општо добро на жителите на руралните средини е во согласност со слоганот на проектот: Подобрување на квалитетот на животот во руралните средини, еден по еден дрон!

Разновидни зони, разновидни дронови

Со цел подобро да се истражат можностите и да се разбере потенцијалот и влијанието на беспилотните летала во земјоделството, шумарството и руралните области, проектот ќе распореди беспилотни летала во различни географски зони кои служат за различни намени.

Во регионот Камп де Тарагона, Шпанија, ќе се користат дронови за следење на посевите. ICAERUS ќе ја демонстрира способноста на беспилотните летала да идентификуваат болести и стрес фактори кај растенијата и да откриваат плевел во лозјата.

Во грчките региони Атика и Беотија, беспилотните летала ќе ги заменат традиционалните методи на прскање за заштита на посевите. Оваа студија на случај, исто така, ќе ги нагласи ризиците поврзани со користењето на дронови за оваа намена.

Во француските региони Алпите на Горна Прованса и Саон и Лоара, ICAERUS ќе тестира дали беспилотните летала можат да ја намалат работната сила потребна за следење на говедата и овците во процесот на напасување.

Во регионот Шкотска борова шума во Литванија, дронови ќе ги надгледуваат шумите и популациите на дивиот свет што живеат во нив. Овие беспилотни летала, исто така, ќе бидат употребени со цел да се идентификуваат и проверат областите со висок ризик од пожар.

И во Вевчанскиот регион во С. Македонија, проектот ќе дизајнира и развие систем за управување со возниот парк (флота од дронови) за испораки со беспилотни летала до потешко достапни предели.

Овие апликации за тестирање се стратешки избрани како би претставувале цел можен опсег на случаи на употреба на беспилотни летала во многуте различни региони на биодиверзитет во Европа. Оттука, јасно се видливи крајните цели на ICAERUS да ја демонстрира употребата на беспилотни летала на два начина: како „око на небото“ за визуелно набљудување и снимање и како „рака на небото“ за прскање и доставување стоки.

„Дроновите имаат потенцијал да дадат значаен придонес во низа стратегии во фронталните координативни обиди на Европската комисија за осигурување безбедност на храната, справување со климатските и еколошките предизвици и враќање на загубата на биолошката разновидност“, рече Екатерини Касимати, проект менаџер во ICAERUS. Проектот ICAERUS предлага апликативен пристап ориентиран кон употреба на беспилотни летала и нивните повеќекратни намени во земјоделското производство, шумите и руралните заедници.

Беспилотни летала – алатка за земјоделците?

Една од главните цели на ICAERUS е да развие и направи достапни инклузивни модели за бизнис и управување кои им помагаат на земјоделците и другите учесници во нивниот процес на донесување одлука за усвојување на употребата на беспилотни летала.

Дополнително, проектот ќе формира академија која ќе обезбеди бесплатни онлајн обуки со отворен пристап и работилници за учење на лице место од кои ќе имаат корист сите вклучени засегнати страни.

Забелешки:

Главни факти и бројки

  • Инструмент: Хоризонт Европа
  • Вкупни трошоци: 5.914.703,00 €
  • Времетраење: 4 години, 2022-2026 година
  • Конзорциум: Вкупно 13 партнери од 8 европски земји

 

 

Координатор на проектот  Prof. Spyros Fountas

Agricultural University of Athens

75 Iera Odos Str. 11855, Athens, Greece

 

sfountas@aua.gr

 

Проектна комуникација  Grigoris Chatzikostas

Foodscale Hub Greece

L.SOFOU 20, 57001 Thermi, Thessaloniki, Greece

 

g@foodscalehub.com

 

 

 

 

Категории: Вести, Слајдер