Што претставува резидба на овошните видови ? – Теорија, потребни алати, време на изведување и грешки кои треба да се избегнуваат

Што претставува резидба на овошните видови ? – Теорија, потребни алати, време на изведување и грешки кои треба да се избегнуваат
   

Според научната теорија резидбата претставува агротехничка пракса за селективно отстранување на одредени делови од растението, како што се гранки, пупки или корени. Праксата подразбира насочено отстранување на заболени, оштетени, мртви, непродуктивни, структурно нездрави делови од растителниот материјал на некое дрво, грмушка или пејзажно растение. Секој вид кој што има потреба од резидба изискува посебен начин на извршување на таа активност во зависност на целта која што сака да ја достигне произведувачот. Пример, резидбата која што се врши на видови на дрвја кои што се одгледуваат за комерцијално производство на овошје се темели на тотално различни принципи за разлика од украсните пејзажни растенија.

овошни видови на растенија
Можни форми на овошни видови на растенија

 

Резидбата на овошките е помотехничка мерка која што овозможува контролирање на растот и родностa на самото дрво, како и квалитетот на плодовите. Во зависност од видот на овошката и методата на одгледување, секој вид си има свои специфични потреби за резидба, кои доколку успешно се постигнат потенцијално ќе овозможи достигнување на високи приноси, долговечност на дрвото и поголема отпорност на болести и штетници. Резидбата се врши за време на мирување на растението, односно зимска резидба и пред плодоносење (летна резидба) кога резидбата 

се врши за да се постигне правилен транспорт на хранливи материи и проредување на цветовите за да се остави оптимален број на цветови од кои ќе се создаде плод кој би имал правилна форма и висока економска вредност. Таа започнува веднаш по садењето и во наредните неколку години се врши корекција на обликот на самото дрво, додека подоцна резидбата овозможува задржување на обликот и регулирање на одредени карактеристики на дрвото како што се регулација на бројот на цветни папки, односот помеѓу вегетативниот раст и родноста на дрвото.

Овој текст е наменет за појаснување на принципите на зимската резидба, периодот кога треба да биде извршена, начинот и алатот со кој треба да се изврши, како и грешките кои што можат да се случат при извршување на истата.

резидба на праска од 1 до 5 година
Пример за резидба на праска од 1 до 5 година (испрекинатата линија означува гранки кои што се отстранети)

Зимската резидба е најдобро да се изврши во период на мирување на растенијата, веднаш пред започнување на нивната вегетација, но во зависност од површината на овошниот насад може да се започне и порано, се со цел оваа мерка да биде завршена пред раздвижување на овошните сокови и активирање на папките.

Потребни алатки и помагала за зимска резидба:

Професионални ножици

Ова е основен алат кој мора да биде квалитетен, бидејќи од него зависи и правилното кастрење на овошките. Ножиците треба да бидат со можност за продолжување на рачките за да се компензира јачината која што треба да се употреби при сечење на подебели гранки како и за достигнување на деловите од дрвото кои што се на недостапни места. Дршките треба да бидат направени од лесен и издржлив материјал, како што е алуминиумот, а сечилото да биде  од цврст

Електрични ножици за резидба
Електрични ножици за резидба

нерѓосувачки челик кој не го губи квалитетот и по повеќекратно сечење на гранките. Постојат ножици со едно или две сечила, но без разлика на видот тие секогаш треба да направат чист засек на гранките.

Во последно време, стануваат актуелни ножици кои што се пневматски или електрични. Користење на овој тип ножици значително придонесува кон намалување на заморот на операторот и овозможува прецизно сечење на гранките. Треба да се земе предвид при инвестирање во ножици од ваков тип, тие мора да бидат квалитетно направени со долготрајна батерија.

За фина корекција на дрвјата, може да се користат и мали рачни градинарски ножици кои се наменети за  отсекување на мали едногодишни или двогодишни гранки.

Скали за поткачување

Употреба на скали при извршување на резидбата има повеќе предности: подобар преглед при сечење на тешко достапни места, намален замор кај лицата кои ја вршат оваа активност, намалување на потенцијалот на создавање на вертикални гранки ткн. водопии и успешно спречување на бујниот раст на апикалните (врвните) изданци.

Во зависност за кој вид на дрво се работи, потребно е да се распознава кои гранки и кој облик може да даде најдобри плодови. Пример, јаболката и крушата имаат најголем потенцијал за родност на двогодишните гранки, додека пак кај сливата и праската се едногодишните гранки. Но, исто така, постојат и видови со машки и женски цветови (орев, лешник) каде што резидбата се изведува на сосема поинаков начин. 

родни и вегетативни папки
Приказ на родни (лево) и вегетативни папки (десно)

Постојат неколку активности во зимската резидба и тоа: проредување, скратување и виткање на гранките. Со проредувањето се создава поволна средина во микроклимата во самата крошна на дрвото. Се создава простор за поголемо движење на воздухот, што значително ја намалува појавата на одредени болести и штетници. Дополнително, создавањето на поголем празен простор во крошната на дрвото овозможува и навлегување на доволна количина на сончева светлина што допринесува кон поголема асимилација на хранливи материи. Исто така, со проредувањето, се отсекуваат и вертикалните вегетативни изданоци кои што се наречени водопии, бидејќи немаат способност за создавање на плод и дополнително ги исцрпуваат хранливите материи во дрвото кои што можат да бидат наменети за создавање на квалитетен род. 

Апикалните изданоци секогаш се поактивни од латералните (страничните) изданоци, што значи дека бујниот раст секогаш е поинтензивен на горните делови од крошната на дрвото. Овој податок е од големо значење, бидејќи во повеќегодишните насади треба да се направи рамнотежа во растот на новите гранки, односно кастрењето да биде поинтензивно во горните делови на дрвото. Пример, кај праската како вид каде што доминатно се јавува буен раст на гранките кои што се наоѓаат во горните слоеви и е потребно да се пресечат дури и 70% од новите изданоци. Овие гранки мора да бидат пресечени правилно, односно со користење на скала и остри ножици за прецизно сечење, бидејќи се создаваат места со неправилен раст и вертикални изданоци кои што се совршено место за размножување на инсекти.

Кратење на гранките се врши со помош на рачни ножици или пак ножици со долги рачки, во зависност од положбата на гранките кои што треба да бидат скратени. Обично, станува збор за долги гранки и нивната должина е непосакувана при комерцијално производство на овошје. Кратењето се изведува на надворешната страна од изданокот, над папката и со кос рез.

Виткањето на гранките има за цел потенцијално родните гранки исполнети со папки да бидат наместени во хоризонтална или висната положба за да се поттикне развој на родни папки и со тоа да се зголеми родниот потенцијал. Оваа операција се врши и кај млади насади.

Секогаш при изведување на оваа помотехничка мерка потребно е користениот алат да се дезинфицира пред резидбата на секое наредно дрво. Дезинфекцијата може да се изврши со помош на алкохол или пламен, каде што е доволно само да се помине со чиста крпа натопена во алкохол или пак со поголема запалка притоа пламенот да поминува низ сечилата од ножиците. Оваа активност значително помага при намалување на шансите за пренос на патогени бактерии и вируси од едно на друго дрво. Дополнително, при резидба на гранки со поголем дијаметар потребно е да се користи градинарски восок, се со цел да се спречи настанување на зараза. Доколку сакате да дознаете повеќе за важноста на резидбата при спречување на пепелница кај јаболката, пристапете до овој линк.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган

Категории: Култури, Слајдер