Бабовски: Цената на свинското месо нема да се зголеми, потребите на нашиот пазар целосно се задоволуваат од домашно производство
Од првиот случај на африканска свинска чума на 6 јануари во делчевското село Драмче ,до денес во радиус од три километри уништени се вкупно 195 домашни свињи. Направена е депопулација, со што лешовите од овие животни се депонирани во сточна јама во Делчево каде се преземени сите мерки да не дојде до ширење на вирусот. Ова го истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски на прес-конференција организирана од Стопанската комора на Северна Македонија на тема „Вонредни мерки за справување со прв случај на африканска свинска чума во Република Северна Македонија“.
Во наредните денови, Бабовски соопшти дека ќе продолжи депопулацијата во радиус од десет километри во одгледувалиштата каде не можат да се спроведат био-сигурносни мерки или во одгледувалиштата во кои ќе бидат дијагностицирани нови случаи на овој вирус.
На ниво на цела држава, АХВ спроведува вонреден попис на сите одгледувалишта на свињи и проверка на веќе воспоставената категоризација за примена на безбедносните мерки. Во овој период воведена е забрана за какво било движење на приемливи животни, со исклучок на оние животни што со соодветна дозвола се носат на колење.
Нешто слично како и со КОВИД-от, овде немаме воопшто можност да се изврши вакцинирање или да се изврши тераписки третман, односно лекување на животните. Сигурен исход на животните заразени со овој вирус е леталниот исход, вели тој.
Бабовски додаде дека сите одгледувачи на свињи ќе бидат целосно обесштетени, односно средствата што ќе им бидат исплатени нема да бидат пониски од пазарната вредност на секое грло. Директорот на Агенцијата потенцираше дека месото свињи, кое е претходно прегледано, со негативен резултат на африканската свинска чума не е опасно за консумирање.
Тоде Атанасов, претседател на Групацијата на производителите на свинско месо истакна дека како Групација тие годишно произведуваат од 150 до 160 илјади гоеници и според нивна оценка од 2019 до сега целосно не се преземени потребните мерки за заштита од вирусот. Според нивната проценка директната штета од афиканската свинска чума во свињарството би била од 50 до 60 милиони евра, а индиректната многу поголема.
Бојан Ѓоргиевски, претставник на Групацијата на мали производители во Република Северна Македонија вели дека појавата на африканска чума е лоша вест и за малите и за средните фарми. Тоа апелираше на итно подигнување на мерките за биосигурност на фармите и да се засилат контролите во трговијата, особено со месо од малите фарми кои не ги задоволуваат минимум стандардите за безбедност на фармите.
Директорот на АХВ потенцираше дека не би требало да се соочиме со зголемување на цената на свинското месо, бидејќи во моментов потребите на нашиот пазар целосно се задоволуваат од домашно производство, дури има и вишоци. Тој информираше и дека во радиус од десет километри во делчевскиот регион 741 грло ќе бидат опфатени со мерката за депопулација.