Во изминатите шеснаесет години, Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип даде значаен придонес во развојот на земјоделскиот сектор, како во Република Северна Македонија, така и во поширокиот регион. За понатамошно унапредување на секторот, Факултетот е домаќин на третиот меѓународен состанок Агро-наука и пракса (АНП 2023). Овој настан обезбедува платформа за учесниците да ги презентираат и дискутираат нивните оригинални научни и практични наоди во различни области на земјоделството.
Главната цел на третиот меѓународен состанок Агро-наука и пракса (АНП 2023) е да ги обедини земјоделските чинители, овозможувајќи им да ги споделат своите знаења, искуства и предизвици. Настанот има за цел да ги поттикне врските помеѓу истражувањето и теренската работа во земјоделскиот сектор и на локално и на меѓународно ниво.
Како крајна цел, Состанокот треба да ги промовира и поврзе научните достигнувања и практичното знаење во различни тематски области. Преку овој настан, Земјоделскиот факултет при УГД Штип се надева дека ќе продолжи да придонесува за растот и успехот на земјоделскиот сектор.
На првиот ден од настанот присуствуваа земјоделски чинители од повеќе сфери на интерес. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски одржа пригоден говор. Локална поддршка беа и професорите од Земјоделскиот Факултет при УГД Штип. Присутни беа и многу чинители од советодавниот и невладиниот сектор, меѓу кои „Аг Футура Технологии“ и невладината „Платформа за Зелен Развој“.