Бислимовски смирува, нема поскапување на струјата и простор за паника

Бислимовски смирува, нема поскапување на струјата и простор за паника

 

Глобалната енергетска криза засега нема да се почуствува во Македонија, и простор за создавање непотребна паника нема, барем така тврди Марко Бислимовски првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика. Според него домашните потреби за електрична енергија се гарантирани до крајот на годината, но во меѓувреме бизнис заедницаа и експертите бараат превентивни мерки за да не дојде до ценовни шокови.

„Нема причина да се прави каква било паника. Граѓаните треба да бидат мирни оти А.Д. Електрани го покрива пазарот во целост и ги обезбедува потребните количини на електрична енергија. И тоа по 36 евра за мегават час во услови кога цената на светските берзи е 140 или 150 евра. Обезбедени сме до Нова година, но и потоа, ќе имаме тендер и А.Д. ЕСМ повторно ќе има понуда и не мислам дека може да се очекуваат промени. Така што засега не гледам причини за корекции на цената на струјата која, да ве потсетам, се утврдува секогаш во јуни“, изјави за Дојче веле (линк) Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Исто така напомена дека она што се случува на светските берзи е како резултат од повеќе фактори, и дека зголемувањето на цените на берзите е на слободниот пазар.  Тој потенцираше дека никаде нема зголемување на трошоците на производство во Европа. Како Регулаторна комисија  ќе се борат да ги задржат снабдувачите, кои ќе ги гарантираат цените, и во тек е постапка за некои од нив кои незаконски се откажале од договорите.

Заклучно со 30 септември, на македонскиот пазар егзистираат 58 лиценцирани трговци со електрична енергија. Тие се дел од Стопанската комора за енергетика од каде неодамна беше испратен апел дека состојбата станува вонредна:

„Неодамна предупредив дека сме во вонредна енергетска состојба и дека цената ќе дојде до 190 евра. Кажавме дека ова ќе доведе до одземање на лиценците за трговците доколку не им се помогне. На пазарот тие продаваат по 70, 80 евра, а набавната е веќе двојно поскапа, па и повеќе. Ова е светски проблем, но имаше начини како ние да се заштитиме. Ние сме Стопанска комора за енергетика и ги следиме состојбите во минута, детално и прецизно преку податоци кои ги немаат ниту во Владата ниту во Регулаторна комисија за енергетика. Ниту сме Влада, ниту опозиција и позиција, туку кажуваме реално и кој како ќе сака да разбере нека нѐ разбере“, коментира за Дојче веле Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика.

Од Владата уверуваат дека преземаат мерки за стабилизација на состојбите. Но дали и што конкретно ќе произлезе од иницијативата и барањата на бизнис заедницата и комората за енергетика, засега официјално не споделуваат информации.

Премиерот Заев вели дека и досега државата водела сметка за стабилизација на состојбите и преземала мерки од социјален аспект. Како пример, се наведува намалувањето на данокот на додадена вредност за електричната енергија од 18 на 5%, со што се амортизираат дел од трошоците кои би биле на товар на граѓаните. Дополнително вели дека државата го обезбедува производството на струјата и нејзината дистрибуција до граѓаните.

 

Категории: Вести
Tags: РКЕ, цени