Дали индустријата на храна се менува – Одржливо производство на протеини од растително потекло

Дали индустријата на храна се менува – Одржливо производство на протеини од растително потекло

 

Константно зголемување на потребата за храна, популарните трендови на консумирање на здрава храна од растително потекло и ограничувањата кои што моментално постојат во исхраната на човекот (алергии, автоимуни болести, недостаток на мајчино млеко) наметнуваат потреба кон усовршување на готовите производи, односно создавање на висококвалитетни производи спремни за консумација. Од портфолиото на таквите производи, во последните години, најголем напредок во зголемување на потрошувачката и во усовршување на производствената технологија се протеинските изолати кои имаат растителна природа. Попрецизно, протеинскиот изолат претставува скоро чист протеин кој е создаден од растенија како што се компирот, легуминозите и други култури, а служи како прекурсор за производство на многу производи од палетата на здрава храна (протеински шејкови, протеински барови, млеко за доенчиња и др).

Протеинските изолати имаат многу здравствени придобивки и тоа: природен извор на железо, поголема содржина на диетални влакна кои што позитивно делуваат на дигестивниот систем и одржување на здрава цревна микрофлора, содржат иста количина на протеини како и оние од животинско потекло, но со многу помалку калории, подобра сварливост и намалување на надуеноста.

Но сепак, моменталниот степен на производство бара употреба на голем број ресурси како што се вода и енергија. Ова доведува до низа предизвици, чиј што ефект негативно влијае врз животната средина. Идустријата на храна се фокусира да ги намали негативните ефекти со создавање на одржливи начини на производство и преработка на суровината. Новите концепти вклучуваат здружување на производители во договорно производство, имплементирање на циркуларна економија и користење на нуспроизводите за други корисни намени. Правилно управување со производството и координација на производителите придонесува кон создавање на одржливо производство преку искористувањето на целиот потенцијал на растението. Нуспроизводите стануваат производи кои се користат за збогатување на почвата и изработка на други суровини кои исто така можат да се користат во исхраната на човекот (скробни изолати).

Овој концепт на производство нуди финансиска сигурност кај производителите на суровини каде што цената за откуп е претходно дефинирана и целосно искористување на хранливите состојки од растенијата.

За да видите за тоа каква технологија се употребува, погледнете го видеото каде што е претставен процесот на создавање на протеински изолати од легуминози (грашок).

 

Автор: Марио Петковски

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Зелен развој