(Интервју) Загрозеноста на земјоделството значи опасност од глад – Мораме да зачекориме како општество кон остварувањето на стремежот за прехранбен суверенитет
Сведоци сме на растечкиот број на светското население, кој се очекува да достигне скоро 10 милијарди до 2050 година. Снабдувањето со свежа храна на населението на големите метрополи, во иднина ќе претставува сериозен проблем. Во периодот кој измина, нашиот главен фокус беше насочен кон одржливите методи на земјоделство, и беа претставени повеќе одржливи дисциплини и пракси. Денес, со нашите пријатели од невладината организација „Зелената Арка“ ќе поразговараме на тема пермакултура, регенеративни агроеколошки пракси и ќе ни кажат нешто подетално за својот проект – првата општествена градина „Бостание“.
МФ: Вие сте едни од ретките организации во Македонија коишто се фокусираат на промовирањето на пермакултурата, па за таа цел дали може да ни ја објасните суштината на пермакултурното дизајнирање, а воедно и да ни ја претставите вашата организација?
– Пермакултурата е применлив мултидисциплинарен пристап за дизајн на плодоносни агроекосистеми во кои се развиваат човечки заедници, според примерите од природните екосистеми. Зелената арка е граѓанска организација основана 2007 година и од почетокот делува во согласност со принципите на пермакултурниот дизајн, за да изнаоѓа применливи начини за ублажување и приспособување на тековните климатски, општествени и економски предизвици. Затоа делуваме токму на пресекот меѓу заштитата на животната средина, зацврснувањето на локалните заедници и обновливото земјоделство.
Пермакултурата е збир на методи за обновлив дизајн на крајоликот и општеството. Целта на пермакултурниот пристап е да се создаваат стабилни, продуктивни системи што ги задоволуваат човечките потреби и хармонично ги обединуваат луѓето и земјата. При тоа се земаат предвид еколошките процеси на растенијата и животните, нивните животни циклуси и климатските фактори. Потребите на жителите од храна, енергија, засолниште и инфраструктура се задоволуваат со проверени и докажани технологии во согласност со начелата на обновливиот развој.
Во еден типичен пермакултурен систем работата е сведена на минимум, отпадот се претвора во ресурси, продуктивноста и приносите се зголемени при што животната средина постојано се обновува. Пермакултурните начела може да се применат во секоја средина и низ целиот свет – од градски станбени комплекси до семејни куќи, од мали фарми до големи региони. Така Зелената арка се обидува да ги поврзе луѓето од градските, приградските и селските средини меѓусебно, преку размена на знаења и искуства, со цел да се развиваат заемно поткрепувачки општествени односи во обновливи агроекосистеми што ги емулираат природните екосистеми.
МФ: Како дел од описот на вашата веб-страна зборувате за слободно семе, односно слободната употреба на семе. Моментално сме сведоци на напорите кои ги прави земјоделската индустрија за наметнување на специјални хибридни форми на семиња коишто не секогаш се најдобриот избор за земјоделецот. Дали би сакале малку подетално да ни ја опишете ситуацијата во која се наоѓа нашето земјоделство и борбата за “ослободување” на семето?
– За жал општо познат факт е дека состојбата на земјоделството тука, како и во светот е на работ на пропаста. Бројот на земјоделците се намалува, стареат, живеат и работат во услови на постојана зависност од основните ресурси потребни за секојдневните активности својствени за конвенционалното земјоделство – фосилни горива, вештачки ѓубрива, синтетички пестициди, хербициди, фунгициди и семенски материјал – што се под контрола на грст глобални корпорации. Во крајна линија, конвенционалниот земјоделски пристап ги деградира и загадува почвите и водите. Така што немаме избор, освен да се снајдеме во тековните услови, колку и да се тие неповолни, затоа што загрозеноста на земјоделството значи опасност од глад! Токму од стремежот за постигнување прехранбен суверенитет произлегува и нуждата од собирање и чување на квалитетен семенски материјал од одомаќинети сорти, што може да се употребува за сеидба и следната сезона, со својства приспособени низ генерациите на локалните услови.
Од друга страна, зависноста од претежно хибридни, а понекогаш и генетски модифицирани семенски материјали, што најчесто се патентирани, а следната генерација се стерилни или не ги задржуваат посакуваните својства; ја отежнува земјоделската дејност до неодржливост, особено во услови на економска криза. Штом веќе сме дотуркани до работ, крајно време е да се делува според начелото на пермакултурниот дизајн дека на рабовите од агроекосистемите се одвиваат најинтензивните размени и придвижувања на ресурси и енергија, па во таа насока да го поттурнеме и земјоделството кон регенеративните агроеколошки пракси, што воедно ги обновуваат и локалните општествени заедниции, ако се применуваат доследно во целост. Така во соработка со граѓанската организација ФАБИА ЦСБ се обидуваме да ја развиеме мрежата за размена, зачувување и одржување на семенскиот материјал од автохтоните сорти што се загрозени, но уште се наоѓаат во малите семејни земјоделски стопанста како наследство. Целта е со бројни граѓански иницијативи да се обезбеди издржлива мрежа за размена, поткрепена со децентрализирани граѓански семенски банки и простори за одржување и обновување на семенскиот материјал in situ. На тој начин се поставува здрава основа за олеснет пристап до семенскиот материјал, за ублажување на зависната положба на земјоделците и за одржување на агробиодиверзитетот.
МФ: Нашата држава, барем во минатото, изобилуваше со разнолики автохтони сорти кои навистина се различни по својот изглед, вкус и начин на култивирање. Дали сте запознаени за тоа каква е моменталната состојба со нашиот агробиодиверзитет и на кој начин можеме да ја подигнеме свеста за ова наше непроценливо богатство?
– Меѓу луѓето е уште жива претставата дека разновидноста на автохтоните сорти и агробиодиверзитетот како наследено богатство од нашите земјоделски предци е тука некаде, подзаборавено, но речиси недопрено и чека да биде откриено, сепак тековната состојба на ова поле е загрижувачка. Сè помалку се среќава живо `ртливо семе што од генерација на генерација се одржува во рамките на семејните земјоделски стопанства, резервите од автохтониот семенски материјал што се чуваат во ладилниците на малубројните семенски банки по институциите стареат и нивната `ртливост опаѓа со текот на времето, затоа што нема разработени фунционални програми за одржување и освежување на резервите со постојана сезонска сеидба и берба in situ. Во меѓувреме, се чини дека инстиитуциите што се одговорни за работата на семенските банки, не комуницираат и не соработуваат доволно, па дури можеби и се доживуваат како меѓусебна конкуренција.
Се обидуваме во рамките на општествената градина Бостание да ги поттикнеме градинарите да сејат, собираат и разменуваат семе од разни автохтони сорти за да го поткрепиме агробиодиверзитетот барем на просторот од 3000 m², колку што изнесува вкупната површина на градината. Исто така како граѓанска организација учествуваме во една скоро воспоставена мрежа од граѓански организации за зачувување на агробиодиверзитетот, но тоа е далеку од доволно за да се понудат издржани решенија за горливото прашање на неповратната загуба на агробиодиверзитетот што ја сведочиме. Потребен е сеоопфатен пристап, координирана соработка меѓу соодветните научно истражувачки институции, земјоделците и граѓанските организации, за да може ефективно да се влијае врз земјоделските политики за одржување на агробиодиверзитетот и секојдневно да се делува на терен.
МФ: Како што можеме да забележиме, првата урбана градина “Бостание” навистина е активна со настани, собири и предавања. Дали би сакале накратко да го објасните концептот на општествената градина “Бостание” и кои се вашите чекори кои планирате да ги преземете за следната производствена сезона?
– Општествената градина „Бостание“ е резултат од проектот „Развивање на прва урбана градина во град Скопје“, финасиран од Град Скопје, а спроведен од граѓанската организација Зелената арка. Градината е сместена во паркот Лисиче, во населбата Ново Лисиче во Скопје на површина од 3000 m², организирана во градинарски парцели по 50 m², компостни точки за секое соседство од четири парцели, со бунар и пумпа за вода донирани од Градежниот институт на Македонија, со автоматизиран систем за наводнување капка по капка, со објект за правење расад, мало езерце, образовно показни леи итн. Сето ова со цел да им се овозможи на граѓаните на градот Скопје да градинарат заедно и непосредно да им се олесни пристапот до свежа растителна храна, што самите може да си ја одгледуваат во градината. За нас не е доволна придавката урбана како квалитативна определба на градината, затоа заедничкиот потфат на сите градинари, е општествен – ползата од одгледаните растенија и собраните плодови непосредно ја чувствуваат семејствата и пријателите на учесниците во градината, а тука се и посетителите на паркот Лисиче и градината Бостание, кои добиваат дополнитени содржини во паркот. Дополнително организираме обуки и работилници за градинарство, средби за размена на семе, а згора на тоа и културно уметнични настани во контекстот на градинарството, пермакултурата и агроекологијата за повремените посетители на градината.
Планираме да подготвиме расад за следната сезона во објектот што го приспособивме да функционира како стакленик, исто така да основаме граѓанска банка за семе и да ја развиваме мрежата за размена на семе, да одржиме бројни работилници и обуки за градинарство, пермакултурен дизајн и агроекологија, да организираме уште културно уметнички настани што ќе ги промовираат вредностите на пермакултурата и обновливото земјоделство. Подробностите ќе може наскоро да ги дознаете кога ќе ја објавиме годишната програма со предвидените содржини и активности во градината за 2022 година.
МФ: И за крај, дали би сакале лично да се обратите кон нашите читатели за потребата од промени во правецот којшто вие сте го предодредиле како организација?
– Нужно е да преземеме применливи дејствија веднаш, за да зачекориме како општество кон остварувањето на стремежот за прехранбен суверенитет. Најпрво неопходно е да се вреднува реално знаењето, трудот и волјата на тукашните земјоделци, кои ни обезбедуваат значителен дел од храната, а потоа полезно би било за сите по малку да почнеме да градинариме, со цел да го доживееме искуството при одгледувањето јадливи растенија и да собереме по некој дополнителен плод од таквиот потфат. Ако градинариме и во приградските и во градските средини, на тој начин може не само да ги заштимиме зелените површини, туку и да ги облагородиме со плодоносни слоеви. Така, збогатувајќи го агробиодиверзитетот со агроеколошки пракси, може кумулативно, ако се прифати и рашири овој пристап како културна вредност меѓу граѓаните, да се секвестрира повеќе јаглерод диоксид во почвата и вегетацијата, да забележат подобрувања на квалитетот на почвата, водата и воздухот, квалитетот на животот и заздравувањето на сега разјадените локални заедници.
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.