Бочварски: Зелени коридори – успешен пример за брз транспорт на стока

Бочварски: Зелени коридори – успешен пример за брз транспорт на стока

 

 

На Министерскиот совет во рамките на Транспортната заедница, што се одржува во Брдо кај Крањ се разговараше за состојбите во транспортниот сектор во регионот, идните планирани активности, можноста за проширување на концептот „зелени коридори“ заради олеснување на транспортот со соседните земји членки на Европската Унија и безбедноста на патиштата. На овој совет зема учество и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски

Во своето обраќање пред Министерскиот совет, Бочварски го истакна примерот со т.н. зелени коридори кои беа воведени за време на падемијата како успешен пример за брзиот транспорт на стока и медицински материјали се со цел избегнување на тесните грла на границите. Исто така, потенцираше дека Владата активно работи и на формирање агенција за безбедност која ќе има цел зголемување на нивото на безбедност во транспортот преку воспоставување сигурен и безбеден транспортен систем за сите корисници.

-Иницијативата за „зелените коридори“, промовирана во регионот на Западен Балкан за време на здравствената криза, како привремен и брз одговор на тековната здравствена вонредна состојба, имаше цел спречување на недостиг на неопходна стока и медицинска опрема. Оваа иницијатива се покажа како еден од најуспешните примери за регионална соработка. Нејзиното главно достигнување за зачувување на трговските текови во регионот, не само што имаше значителни економски придобивки, туку се покажа многу практична во однос на решавањето на итните потреби на населението во време на пандемијата, истакна министерот Бочварски.

На Министерскиот совет присуствуваа и министрите за транспорт на земјите од регионот, потписнички на Договорот за транспортна заедница, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Република Србија и Република Црна Гора, како и претставници на Секретаријатот на Транспортната заедница и Европската комисија.

Тие дискутираа и за новата Стратегија за одржлива и паметна мобилност од перспектива на Западен Балкан како и за ажурирање на листата на европското законодавството и нивно прилагодување во членките на Транспортната заедница.

Бочварски одржа билатерални средби со министерот за инфраструктура на Косово, Либурн Алиу и со министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија, Томислав Момировиќ.

Со косовскиот колега разговараа за меѓународниот патен транспорт меѓу двете земји и разменија информации за изградбата на автопатот Скопје-Блаце, како и за плановите за изградба на заедничка железничка гранична станица. Во фокус на разговорите со српскиот министер Момировиќ, беа модернизацијата на патниот и железнички Коридор 10, како и изградбата на заедничка железничка станица на Табановце, како пример за добра регионална соработка.

Од Министерството за транспорт и врски најавија дека денес Бочварски ќе учествува на Министерскиот состанок за прекугранично поврзување на земјите од регионот на Западен Балкан во рамки на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија.