Кинески истражувачи откриле дека сточната храна во која има додаден вкус на млеко влијае врз продуктивноста и здравјето на оплодените маторици. Иако уште од 1960 година се додаваат адитиви за вкус во сточната храна, досега нема утврдено каков е ефектот од таквата храна врз перформансите на маториците доилки и здравјето на родените прасиња.
За целта на експериментот, 20 здрави маторици од расата Јоркшир биле осеменети со чист генетски материјал од расaта Ландрас. Со започнување на 90 ден од нивната спрасност, истите биле хранети со сточна храна на база на соја со додаден вештачки вкус на млеко, се до 25 ден по раѓањето на прасињата.
Резултатите покажале дека настанало постепено зголемување на просечниот внес на храна. Исто така, било забележано зголемена просечна тежина на тукушто родените прасиња, како и забрзано качување на тежината на прасињата по нивното раѓање. Дополнително, била испитувана и микрофлората на дигестивниот систем на маториците и застапеноста на различните видови на корисни и штетни бактерии. Како последица на специфичната исхрана со додаден вкус, биле намалени микроорганизмите кои што се поврзуваат со намалено качување на тежината кај прасињата.
Целосниот заклучок од експериментот е подобрен репродуктивен перформанс и намалување на популацијата на штетните бактерии во дигестивниот систем на маториците.
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.