Како функционираат комисиите за проценка на штети и што да преземат земјоделците?
Комисиите за проценка на штета се формираат на локално ниво во подрачните единици на државните органи и единствено преку нив може да се поднесе барање за надоместување на штети настанати по природни непогоди.
Земјоделците кои претрпеле штети од град, невреме, екстремни временски појави и поплави може да поднесат барање за надоместок преку локалните комисии.
Тие функционираат според Уредбата за начинот на работа на комисиите за процена и утврдување на висината на штета настаната од природни непогоди, епидемии, епизоотии, епифитотии и други несреќи која е донесена врз основа на Законот за заштита и спасување.
Формираните комисии на локално ниво работат според Единствената методологија за процена на штетите од елементарни и други непогоди со цел да се постигне воедначеност на начинот на кој што се носат одлуки и се врши надоместок на штети за земјоделци или други категории на погодени граѓани кои во принцип не се покриени со друг на вид на основно осигурување.
Исто така може да се јават и земјоделци кои претрпеле штети за посеви за кои не можеле да извадат комерцијално осигурување и категории кои вообичаено не се покриени од страна на осигурителните компании.
Комисиите може да ангажираат и стручни лица или експерти за областа за која се врши проценка на настанатите штети и треба да соработуваат со останатите државни институции.
Обврска на комисиите е да направат проценка на целото подрачје погодено од непогодата, прават проценка со директен увид врз секое добро или средство како на поединци така и на правни лица. Потоа се прави проценка на средствата потребни за враќање во првобитна состојба или замена на доброто. По извршената проценка се изработува извештај за штетите во вид на елаборат.
Извршените извештаи најчесто се испраќаат до советот на локалната самоуправа, а потоа стигнуваат и до Републичката комисија за проценка на штети. Некогаш може да биде ангажирано и Бирото за судски вештачења, доколку на пример имало пожар или слични непогоди кои може да се предизвикани директно од човечки фактор.
Во комисијата има најчесто пет членови од кои еден е претседател. По изработениот збирен преглед за настанати штети, преглед на цените за штетите и целокупниот елеборат комисијата се потпишува и го доставува до надлежните институции.
Потоа следи процес на одобрување на елаборатот и носење одлука на државно ниво дали и во кој износ ќе биде извршена исплата на обештетување на граѓаните, земјоделците и приватните лица за претрпените штети од невреме или друга елементарна непогода. Некогаш во зависност од сериозноста на проблемот Владата може да донесе и одлука за авансна исплата на дел од штетите за побрзо закрепнување на погоденото подрачје.
Сепак, и натаму експертите и претставниците на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство препорачуваат земјоделците да извадат осигурителни полиси за нивните посеви, односно за категориите кои ги покриваат осигурителните компании.
Полисите за осигурување во земјоделството покриваат ризици од пожар, град, мраз, луња и дополнителни ризици врз посевите и плодовите. Кај осигурувањето добиток полисите покриваат ризици од последици од болести.