Компирот преставува стратешка земјоделска култура затоа што често пати се јавува како замена за лебот. Р. Македонија бележи релативно стабилно ниво на производство на компир во последните 10 години. 2010 година е година со најголемо производство на компир со над 200 илјади тони, додека 2012 година е година со најниско ниво (168 илјади тони). Во просек, во анализираниот период Македонија произведува 188 илјади тони компир на годишно ниво.
Извозот на компир се состои од две категории на компир, млад компир од 1 ви јануари до 30 јуни и категорија на други видови на компир од 1 јануари до 31 март. Првата категорија на компир учествува со 75% од вкупниот извоз на годишно ниво кој во просек за период од последните десет години изнесува 2,301 илјада тони и втората категорија со просек на извоз од 787 тони на годишно ниво односно 25% од вкупниот извоз.
Извозот на млад компир во анализираниот период бележи просечен раст од 16%. Оваа категорија на компир доживува два големи падови на извозот и тоа во 2012 година во однос на 2010 за 41% и 2016 во однос на истата референтна година, за 57%. Во случај на втората категорија на извоз кои ги вклучува сите други видови на компир, извозот бележи просечен пад на количеството на извоз од –66%.
Просечната вредност на извозот на млад компир во последните 10 години е 0.89 милиони евра каде 2013 година е година со најголем остварен девизен прилив (1.35 милиони евра) од оваа
култура додека во 2016 е година со најслаби економски резултати (0.48 милиони евра). Вредноста на извоз на сите други видови на компир во просек за 10 години е значајно помал и изнесува 0.18 милиони евра.
Просечната цена на извоз на компир во последните 10 години е 0.388 евра за млад компир и 0.229 евра за други видови на компир. Цената на младиот компир во просек од 10 години паднала за 11% додека за другите видови на компир се зголемила за 86% во однос на 2010 година како референтна година.
Од горе наведеното, во споредба со други примарни земјоделски производи како доматот, зелката може да се заклучи дека овој потсектор има многу помало учество во вредноста на меѓународната трговија со земјоделски производи од Р. Македонија.
Автор: Благоја Муканов
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.