Ладно цедено маслиново наспроти рафинирано сончогледово масло – Дали вреди за парите?
Обично рафинирано сонгогледово или ладно цедено маслиново масло? Разликата во цената е голема, но сигурно сте се запрашале дали вреди да издвоите повеќе пари од семејниот буџет за употреба на маслиновото масло во вашата исхрана. Затоа ќе се обидеме да ви ги пренесеме клучните придобивки од ладно цеденото маслиново масло.
Маслинките се традиционална култура е карактеристична за медитеранскиот регион. Маслиновото масло се прави со пресување и филтрирање на плодот на маслинката што дава широк спектар на вкусови и ароми. Маслиновото масло во споредба со другите масла содржи најмногу мононезаситени масни киселини и антиоксидансот полифенол кои имаат силно антивоспалително дејство.
Маслиновото масло може да биде различно по вкус во зависност од сортата и потеклото и може да се загрева на високи температури, но не се препорачува за пржење на храна, додека пак е одлично за салати.
Постојат повеќе видови: екстра ладно цедено кое се смета дека е најдоброто и најмалку процесирано и се добива од првото пресување на маслинкитe; ладно цедено од второто пресување; пречистено кое поминало низ процесот на филтрирање и екстра лесно маслиново масло кое се преработува во поголема мера и го задржува само делумно благиот вкус на маслинката.
Има повеќе причини зошто да го замените традиционалното рафинирано сончогледово масло со квалитетно маслиново масло. Во продолжение наведуваме неколку од нив:
- Може да го подобри здравјето на срцето
Мастите што ги добиваме од маслиновото масло го подобруваат здравјето на срцето. Ова ја вклучува неговата способност да го намали крвниот притисок и да го подобри нивото на холестерол, што придонесува за намален ризик од срцеви заболувања. Исто така во голем број на студии маслиновото масло се покажало како единствениот извор на мононезаситени масти поврзани со намален ризик од мозочен удар и срцеви заболувања.
- Ја подобрува работата на цревата
Ова масло содржи голем процент на олеинска киселина (од 55 до 83 проценти) . Присуството на олеинската киселина (мононезаситена масна киселина) го поттикнува излачувањето на желудочните сокови и на тој начин го олеснува варењето, благотворно влијае врз работата на црниот дроб и ја подобрува цревната апсорпција. Во панкреасот го стимулира производството на ензими за варење и придонесува за намалување на нивото на т.н. ”лош” холестерол, без да влијае на т.н. “добар” холестерол.
Ако сте склони кон констипација, една лажичка маслиново масло секој ден ќе направи огромна разлика. Маслиновото масло ги „подмачкува“ цревата, па отпадот се движи полесно низ нив.
- Богат извор на витамини и масни киселини
Во својот состав ги содржи витамините Е, Б, Д, А и К. Исто така, маслиновото масло содржи незаситени и заситени масни киселини, од кои најважни се Омега-3 масните киселини. Витаминот Д го забрзува метаболизмот, го поттикнува растот и служи за градење и одржување на ткивото, кожата и слузокожата. Витамините од група Б пак, позитивно влијаат на нервниот систем, ја подобруваат работата на желудникот и цревата, ја одржува телесната тежина, и помагаат при создавање на црвени крвни зрнца. Омега-3 масните киселини го заштитуваат кардиоваскуларниот систем и позитивно влијаат во намалувањето на ризикот од појава на депресија, деменција и артритис.
- Може да ја подобри функцијата на мозокот
Медитеранската исхрана дополнета со маслиново масло или јаткасти плодови е поврзана со подобрена когнитивна функција и може да го намали ризикот од Алцхајмерова болест кај постарите лица.
- Го подобрува здравјето на кожата, ноктите и косата
Маслиновото масло содржи многу витамин Е, кој е користен и во третманите за разубавување. Ефектите на кожата, косата и ноктите се забележуваат и со консумирање на маслото и со правење на маски и третмани.
Како најдобро да го искористите маслиновото масло?
Една лажица маслиново масло содржи околу 120 калории. Користете го маслиновото масло додека е свежо и ароматично и чувајте го на ладни и темни места, за да не дојде до оксидација. Препорачаната оптимална температура за чување е 14 степени. Ако немате соодветно место, чувајте го во фрижидер. Иако делумно ќе се згусне и замати, кога ќе го извадите на собна температура за кратко време повторно станува бистро и подготвено за употреба. Ако сакате да го збогатите вкусот, можете во шишето со масло да додадете сушени ароматични билки и за неколку недели ќе го добиете саканиот резултат.
Фото: Pixabay