Магдонос – еликсир на виталноста

Магдонос – еликсир на виталноста

 

Магдоносот е една од најпопуларните билки во кујните  во Европа, Америка и на Блискиот Исток. Без разлика дали станува збор за неговиот корен или лист, дали е во свежа или сува состојба, најчесто се користи како зачин во супи, салати, сосови, ориз и риба. Но, магдоносот е повеќе од зачин, бидејќи со своите нутритивни вредности има многу здравствени придобивки.

Магдоносот е особено богат со витамини К, А и Ц и е добар извор на минерали како калциум, железо, магнезиум и калиум. Во 5-6 гранчиња магдонос има исто количество на витамин А колку што има во 1/4  лажичка рибино масло. Истите 5-6 гранчиња содржат и  витамин Ц, исто колку што има во 2/3 во еден портокал. Поради големата содржина на витамини од групата Б, магнезиум и калиум, магдоносот го смирува нервниот систем и ја подобрува концентрацијата и памтењето.

Магдоносот е јак природен диуретик. Тој го зголемува излачувањето на вишокот течности од организмот, ја подобрува циркулацијата  и често им се препорачува на лицата кои имаат отоци. Бидејќи ја подобрува работата на бубрезите, магдоносот е природен „чистач“ на организмот. Затоа, магдоносот е природен лек за намалување на крвен притисок.

Магдоносот е одличен природен тоник за чистење на воспалени и отечени очи. Редовната конзумација на магдонос поттикнува обновувањето на клетките и го стимулира производството на колаген во кожата. Овој процес  доведува до побрзо создавање на нова кожа и подмладен изглед. Тој наоѓа и примена во третманите на коса, истовремено го подобрува сјајот на природната боја на косата, а ќе ви послужи и како средство за спречување на опаѓање на косата.

Со својата нискокалоричност и висока хранлива вредност е  пожелна намирница за секоја жена. Чајот од магдонос е одличен за губење на вишокот килограми, а исто така успешно помага во регулирање на нередовниот месечен циклус. Сепак не се препорачува во големи количини за бремените жени и доилките, но е корисен во мали количини, како зачин.

30 грама свеж, сецкан магдонос содржи:

  • Калории: 11 калории
  • Јаглехидрати: 2 грама
  • Протеини: 1 грам
  • Маснотии: помалку од 1 грам
  • Влакна: 1 грам
  • Витамин А: 108% од референтниот дневен внес (РДИ)
  • Витамин Ц: 53% од РДИ
  • Витамин К: 547% од РДИ

Доколку оваа ароматична билка сè уште ја нема во вашето дневно мени, ве советуваме да започнете да  ја додавате на вашите оброци, да пиете чај од магдонос или грицкајте магдонос за добро здравје и свеж здив!

 

Автор: Александра Силјановска

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Здрава храна
Tags: Храна