Пампулевски: Преспанските овоштари не паметат толку тешка сезона, но не се предаваме

Пампулевски: Преспанските овоштари не паметат толку тешка сезона, но не се предаваме

Преспанските овоштари ја имаа една од најтешките години досега, погодени од три елементарни непогоди во една сезона. Родот на јаболката се проценува на 120 илјади тони, но речиси две третини ќе завршат во индустриските капацитети со пониски цени поради физизчките оштетувања на плодот од силниот град кој ја погоди Преспа. Производството на јаболка на Македонија и носи и до 40 милиони евра годишно, но заканата од климатските промени е се поголема.

Тешка сезона и надеж за подобро

На Крстовден кога и официјално започнува бербата на јаболкото, разговараме со Љубе Пампулевски претседател на „Здружение на овоштари Благој А. Котларовски“ од Ресен.

„Со оглед на објективната реалност годинава со доцен пролетен мраз кој ја зафати Преспа и направи големи штети на цветот на јаболката, сушата и градот, реколтата ќе биде речиси преполовена. Дел од овошките не ни заврзаа плодови, особено на пониските места. Ако во претходните години имавме една временска непогода, оваа се соочивме со дури неповолни климатски услови во една сезона“, вели Пампулевски за МојаФарма.

По пролетниот мраз настапи период на суша, па дури паѓаше и сув град, односно воопшто немаше дожд, а во одредени периоди над 30 дена по ред не врнеше.

„Тоа многу се одрази на одгледувањето на храна, односно овоштарите кои одгледуваат јаболко беа силно погодени, а влијанијата на климатските промени ги видовме и со рекордно спуштање на нивото на Преспанското езеро какво што не сме посведочиле во последните 100 години”, додава Пампулевски.

Подготовки за берба и барање трајни решенија

Според информациите на Пампулевски 60% од производството на јаболка ќе оди на преработка поради физички оштетувања од градот. Цените ќе бидат пониски, а и самата количина која има физички добар изглед и врвна класа од целата берба изнесува околу 15 до 20%.

Самата берба ќе биде потешка годинава бидејќи ќе треба повнимателна селекција на плодовите кои немаат оштетувања од временските услови. За нанесените штети Папулевски како претседател на здружението на овоштари се надева дека и државата ќе може да излезе во пресрет со интервентна мерка на финансиска помош.

јаболко преспа

Големина на последниот град во Преспа

Сепак, трајно решение за проблемот е подобро прилагодување на последиците од климатската криза и регионален систем на заштита од невреме и спречување на град. Пампулевски информира дека и покрај системот на авионско засејување на облаци и испукување на ракети со сребро јодид, силното невреме и непредвидливоста времето за реакција е прекратко.

Со рекорден број на интервенции на авионите но, со заострените влијанија на климатските промени, решение се бара во синхронизација на сите балкански држави во регионот, односно покрај Македонија и Грција и Албанија да се вклучат во заедничка заштита на Преспа од климатската криза.

Земјоделски Велигден

Како што вели Пампулевски, Преспанскиот Јаболкобер кој традиционално започнува денес за овоштарите од регионот претставува еден вид на земјоделски Велигден, односно празник кој ја обележува нивната долгогодишна традиција на одгледување јаболко.

По ланската пандемиска година, овој пат ќе има манифестација „Преспански Јаболкобер“ со официјална програма, симболично откинување на првото јаболко и забавни настани за присутните.

Според Пампулевски и покрај лошите услови годинава, овоштарите имаат надеж. Како што им велеле старите доволно е да се погоди една добра сезона во десет години, за да се исплати вложениот труд и посветеност.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Интервјуа

Слични Новости