Пет факти за пченката која од Новиот континент стана глобален феномен

Пет факти за пченката која од Новиот континент стана глобален феномен

 

Пченката е втората житна култура која има силна стратешка важност после пченицата иако според хранливите состојки тешко може да се спореди. Ако за Стариот континент класот пченица има голема симболика во народната традиција, тогаш кочанот пченка е симболот на Новиот континент, дел и од домородната култура, но и од современата американска поп култура и политика.

Раширувањето на пченката

Пченката е една од најважните култури која од Новиот континент се проширува насекаде низ светот. Домородното население на Америка им го открива начинот на одгледување на пченка на европските колонизатори. Освен во Европа, пченката подоцна се проширува насекаде низ светот, а во Турција се прават и експерименти со шарени зрна на пченката.

Употреба и преработка 

Пченката има крупно зрно, со различен степен на слаткост и големина. Може да се конзумира свежа, варена и печена. Од зрната може да се прават посебни продукти како брашно, или пак да се користи во преработувачката индустрија за конзервирани продукти.

Секако, пченката е една од најкористените житни култури во производство на сточна храна за домашните животни. Освен во исхраната голема примена наоѓа во производството на био дизел, како и во градежништвото и производството на хартија. 

ГМО контроверзии 

Пченката во последните децении е култура која најчесто е предмет на експерименти со генетска модификација. Почнувајќи од поголема отпорност на штетници, па се до регулирање на големината и составот.

ГМО пченката која се одгледува како масовна монокултура освен за индустриски и економски цели завршува и во политиката. Големи количини на ГМО пченка завршуваат како донации за храна во конфликтни зони или пак во најсиромашните земји каде населението гладува, но најчесто тоа не ги задоволува потребите бидејќи самата пченка нема висока хранлива вредност.

Пченката во Македонија

Македонија иако ја има пченицата како основна стратешка култура најмногу поради производството на брашно, вложува и во насади со пченка. Во зависност од годината, климатските и економските фактори, во просек во Македонија годишно се произведуваат околу 130 илјади тони пченка, а рекорден износ од 187 илјади тони во последните 20 години се произведени во 2018 година.

Симболот на пченката во поп културата

Развојот на филмската индустрија во САД и комерцијализацијата на кино салите како екстремно популарни ги создава пуканките, грицки кои се добиваат со пукање на зрната на пченката во загреано масло.

Со сол или без, со различни преливи и додатоци, пуканките се еден од главните извори на заработка на кино салите, покрај продажбата на самиот билет. Јадењето пуканки како социјална активност е прифатено и во домовите додека се гледа филм со друштво. 

Полињата со пченка се честа инспирација за различни жанрови, од хорори па се до научна фантастика. За зголемување на популарноста на теориите на заговор во полињата со пченка биле креирани и посебни шаблони кои гледано од височина прикажуваат уникатни симболи. 

Потоа се шири медиумска фама дека се дело на вонземјани или слични натприродни интервенции иако всушност се работи за одлично смислени маркетинг кампањи, а таков пример има и во Македонија.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Агро Бизнис